Музичарот Џими Мицевски, сопруг на пејачката Анета Мицевска од групата „Молика“ кој вчера беше осуден на казна затвор од две и пол години реагира на Фејсбук по пресудата во случајот „Транспортер“.
Неговата реакција ја објавуваме во продолжение:
„Јас Мицевски Џими ова што сега го правам – пишувам го правам за честа и угледот прво на моите деца, а потоа на мојата фамилија, на мојот славеј Анета Мицевска и групата „Молика“.
Можеби сите сте информирани дека вчера во Oсновниот суд во Скопје се судеше Битола, поточно во мега познатиот случај „Транспортер“. Осудени сме сите обвинети, а сите угледни и чесни граѓани на Битола кои предходно немале ниту една дамка во своето работење. Јас сум осуден на 2 год и 6 месеци затворска казна за моето најчесно, најдомаќинско работење.
Јас Мицевски Џими најодговорно тврдам дека со мојата фирма „Џими Турс“ немам наплатено ниту (1) еден скршен денар од тоа што беше пропишано со одлука на совет на општина Битола, а тоа го има со доказ во вештачењето од Бирото за судски вештачења ( значи вештачење нарачано од СЈО ). Секако дека овде ова нема да застанам со ова ќе одам и до последниот суд овде во МК да си ја докажам мојата невиност, а доколку увидам како и што гледам дека сме жртви (колатерална штета) на две супроставени страни правдата ќе ја барам и во Стразбур, во Франција во меѓународниот суд за човекови права…
Само еден единствен денар ако се утврди со факти и докази дека јас сум зел повеќе пари за извршената услуга, јас сум спремен да одговарам во секое време…
Ова што се случува се вика играње со човечки судбини и ништо друго.. Меѓутоа немојте да мислите дека ќе ме скршите .. Битката продолжува. Немојте да се чудите зошто ништо не оди овде и зошто ни бегаат младите.. Не дај бог да ви стани јасно, како на мене сега што ми станува јасно. Немам намера на никого да му се правдам и ќе ве замолам вие од порталите ако имате барем малце човечко достоинство да пишувате според факти, а не од ракав истресени информации.“, пишува Мицевски.