МЕРЦ МУ ВЕТИ РАКЕТИ НА ЗЕЛЕНСКИ И ГО ПОКАНИ ТРАМП ВО БЕРЛИН Германскиот канцелар се слушна со двајцата лидери по телефон

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, го увери претседателот Доналд Трамп дека 80 години по крајот на Втората светска војна, САД остануваат незаменлив пријател и партнер за Германија. Мерц и Трамп се согласиле дека е неопходно бргу да се решат трговските спорови, соопшти портпарол на германската влада.

221

Новиот германски канцелар, конзервативниот Фридрих Мерц, синоќа во телефонски разговор му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски континуирана поддршка во војната со Русија.

– Федералниот канцелар ја потврди солидарноста на Германија со Украина, која може да смета на поддршката од новата германска Влада – изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус 2 дена по изборот на Мерц за канцелар.






Двајцата лидери се согласија дека Русија „мора да прифати прекин на огнот“ и ги пофалија „напорите“ на претседателот на САД, Доналд Трамп, посочи Корнелиус, додавајќи дека Зеленски му честитал на Мерц за преземањето на функцијата.

Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Германија е втор најголем снабдувач на воена помош за Киев, по САД.

Поранешниот германски социјалдемократски канцелар, Олаф Шолц, го поддржа Киев, но одби да ги испорача крстосувачките ракети со долг дострел „Таурус“, објаснувајќи дека сака да избегне ескалација со Москва, додека Мерц рече дека е отворен, под одредени услови, за испорака на ракетите.

Мерц и Трамп се согласија дека треба да се решат трговските спорови

За време на синоќешниот телефонски разговор, Мерц и Трамп се согласиле дека е неопходно бргу да се решат трговските спорови, соопшти портпарол на германската влада, цитиран од ДПА.

Двајцата лидери се согласиле и дека е неопходно да соработуваат за ставање крај на војната во Украина, додаде портпаролот.

– Претседателот Трамп му честиташе на канцеларот за стапувањето на должност. Канцеларот Мерц го увери американскиот претседател дека 80 години по крајот на Втората светска војна, САД остануваат незаменлив пријател и партнер за Германија – изјави портпаролот.

За време на разговорот, Мерц го поканил Трамп во официјална посета на Германија. Според владини извори, Трамп најавил дека може да реализира таква посета.

Поврзани содржини