МЕГА ПАРК ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ВО РАДИШАНИ Општина Бутел ќе добие плоштад од 4.000 квадрати
Предвидена е урбанизација на простор од 10.000 метри квадратни, од кои 6.000 квадрати ќе бидат зеленило, а на 4.000 метри квадратни ќе се изгради плоштад на кој ќе има големо детско игралиште и пешачки патеки, односно катче за рекреација за сите генерации.
Денеска започна изградбата на мега парк, јавна површина со плоштад и пешачка патека во Радишани, кaко еден од дванаесетте проекти кои Општина Бутел ќе ги реализира со средства одобрени на првиот владин јавен повик за финансиска поддршка за инфраструктурни општински проекти. Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, на отпочнувањето на градежните работи за мега паркот, присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и заменикот министер за локална самоуправа, Ерџан Селими.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, истакна дека овој проект е еден од долгогодишните барања на локалното население, кој ќе се реализира во наредниве 12 месеци, благодарение на поддршката на Владата. Предвидена е урбанизација на простор од 10.000 метри квадратни, од кои 6.000 квадрати ќе бидат зеленило, а на 4.000 метри квадратни ќе се изгради плоштад на кој ќе има големо детско игралиште и пешачки патеки, односно катче за рекреација за сите генерации.
– Се случува ренесансен период во општина Бутел, благодарение на Владата и премиерот, кои увидоа дека директната помош која ја даваат на општините ќе направи буквална разлика од сѐ што било досега – истакна градоначалникот Костоски, кој најави дека Општина Бутел досега поднела 14 апликативни формулари на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.
Поддршката на општина Бутел, но и на сите останати во земјава, ќе продолжи со зголемен интензитет, најавија министрите Перински и Николоски и премиерот Мицкоски.
– За нас како Влада ова не се само инфраструктурни проекти, туку се и основ и доказ за посветеноста во насока на реализирање на проекти коишто се од исклучително значење за граѓаните и во таа насока и ќе продолжиме. Овој мега парк е еден од дванаесетте проекти од првиот владин повик, а Бутел досега има поднесено 14 проекти на вториот повик и се надевам дека минимум уште толку ќе поднесе во периодот што следи – рече Перински.
Министерот за транспорт, Николоски, истакна дека директната помош на општините ќе продолжи не само преку владиниот повик за поддршка на проекти, туку и со кредитна линија преку Светска банка.
– Општина Бутел со сите проекти кои се реализираат и ќе се реализираат, доживува период на преродба. Нѐ чека уште многу работа, уште да се изгради. Оваа Влада, со оваа локална самоуправа има амбиција да гради и така ќе продолжи и во иднина – најави премиерот.