МАСК Ѝ ГО ПРОДАДЕ ИКС НА СВОЈАТА КОМПАНИЈА ИКС АИ Комбинација за поинтелигентни искуства на милијарди луѓе
Иднината на Икс АИ и на Икс се испреплетени. Официјално го преземаме чекорот за комбинирање податоци, модели, пресметување, дистрибуција и талент, објави Маск.
Милијардерот Илон Маск објави дека ја продаде својата социјална платформа Икс на својата компанија за вештачка интелигенција Икс АИ.
Маск на својот профил на Икс прецизираше дека договорот за сите акции е во вредност од 45 милијарди долари, вклучително и долгот од 12 милијарди долари. Според договорот, вредноста на Икс АИ се проценува на 80 милијарди долари, а Икс на 33 милијарди долари.
„Иднината на Икс АИ и на Икс се испреплетени. Официјално го преземаме чекорот за комбинирање податоци, модели, пресметување, дистрибуција и талент. Комбинираната компанија ќе испорача поинтелигентни, поосмислени искуства на милијарди луѓе, а во исто време ќе остане доследна на нашата основна мисија за барање вистина и унапредување на знаењето“, посочи Маск.
Според него, тоа ќе овозможи да се изгради платформа, која не само што го одразува светот, туку и активно го забрзува човечкиот напредок.
Маск ја купи социјалната мрежа Твитер во октомври 2022 година за околу 44 милијарди долари и ја преименува во Икс.