МАРТА СТЈУАРТ НА 84 ГОДИНИ ЛАНСИРА КОЗМЕТИЧКА ЛИНИЈА Американската совршена домаќинка се впушта во нов бизнис

По пет години истражување, во деветата деценија од животот, американската икона за животен стил, влегува во светот на нега на кожата со својот бренд Elm Biosciences. Таа пред три години ја шокираше јавноста кога на 81 година позираше за насловната страница на списанието „Спортс илустрејтид“ во костим за капење

481

Само еден ден по нејзиниот 84-ти роденден, Марта Стјуарт – најпозната како американски гуру за уредување на дом, готвење и животен стил – објави дека влегува во светот на нега на кожата со свој сопствен бренд: Elm Biosciences.

Новата линија, која ќе биде достапна од 17 септември, е резултат на пет години развој и истражување во соработка со њујоршкиот дерматолог д-р Дхавал Бханусали, познат и по формулацијата на линијата на Хејли Бибер – Rhode. Стјуарт се консултирала и со дури 350 дерматолози при создавањето на производите.






Првите два производи од линијата се серум кој чини 135 долари и орален суплемент од 50 долари. Серумот содржи патентиран A3O комплекс наменет за борба против знаците на стареење – од УВ оштетување до дехидратација и иритација – додека додатокот во исхраната е дизајниран да влијае на внатрешните причини за стареење како воспаление, оксидативен стрес и хормонален дисбаланс.

„Интересот за здрава кожа го имам уште од дете“, изјавила Стјуарт во интервју за Wall Street Journal. „Луѓето секогаш ја фалат мојата кожа, и тоа ме радува – затоа што вложувам многу во неа.“ Таа посочила дека пазарот на козметика за жени во нејзина возраст е „длабоко занемарен“, но и дека производите се наменети за широка публика. „Клетките умираат, кожата старее, и ние старееме од моментот кога ќе се родиме. Она што можеме е да го забавиме тој процес,“ објаснила Стјуарт.

Таа без задршка ја фали својата линија: „Ја користам религиозно веќе некое време и кожата ми е фантастична.“

Отворено зборува и за процедурите што ги прави: „Правам тоа што го нарекувам ‘дотерување’ – малку филери, малку колаген во образите, ботокс под брадата и околу вратот. Но никогаш не сум легнала под нож.“

Марта Стјуарт е една од највлијателните икони на американската поп-култура. Како водителка, бизнисменка, авторка и издавачка, таа изгради империја од сопствениот имиџ на „совршена домаќинка“. Но, во 2004 година нејзиниот углед беше сериозно нарушен кога беше осудена на пет месеци затвор за попречување на правдата и манипулација со берзански информации – случај што ја шокираше јавноста.

И покрај скандалот, по излегувањето од затвор, Стјуарт успеа да го обнови својот бренд и популарноста, а денес се смета за симбол на упорност, повторно градење и елегантно стареење.

Со лансирањето на Elm Biosciences, таа уште еднаш покажува дека возраста не е пречка за иновација – напротив, може да биде поттик.

Таа пред три години ја шокираше јавноста кога на 81 година позираше за насловната страница на списанието „Спортс илустрејтид“ во костим за капење

Поврзани содржини