МАКСТИЛ Е КОМПАНИЈА ВО КОЈА ЖЕНИТЕ СЕ ДОКАЖАА И ВО ТЕШКАТА ИНДУСТРИЈА Ана Тодоровска Павлески зборува за својата инженерска кариера

Инженерката по металургија Ана Тодоровска Павлески започнала како млад инженер а денес е одговорна за контрола, управување и обработка на инспекциски сертификати за систем на квалитет.

1,066

Инженерката по металургија Ана Тодоровска Павлески 17 години е дел од Макстил и досега се запознала со двата производни процеса, работела и во Челичарница и во топла Валавница. Започнала како млад инженер а денес е одговорна за контрола, управување и обработка на инспекциски сертификати за систем на квалитет. Тодоровска Павлески за себе вели дека е горда што е дел од тимот на Контрола на квалитет, дека силна ја прави досегашната издржливост да се справи со многуте предизвици, а ја радува што е дел од една успешна приказна како Макстил.

Работите веќе 17 години во Макстил, во најголемата металуршка компанија во земјава. Дали има простор за жените во оваа индустрија?






– Жена во металуршка компанија, секако да. Стереотипите се веќе одамна надминати со сѐ поголемиот број жени во тешката индустрија. Кариерата во Макстил пред 17 години ја започнав како млад инженер и досега имав можност да се запознам со двата производствени погони Челичарница и топла Валавница. Во целиот период кариерно многу напредував, така што денес работам во Контрола на квалитет на работна позиција управување и обработка на инспекциски сертификати за систем на квалитет во топла Валавница. Иако ова можеби звучи сложено, но ни одблиску не ја доловува сериозноста и комплексноста на работната задача. И затоа со гордост кажувам дека работам на крајот на еден многу сложен производствен процес, со големи одговорности и надлежности.

Што претставува за Вас секојдневна мотивација?

– Кога знаеш дека си дел од тимот на еден систем што функционира беспрекорно, а ти си само еден запченик во огромна машина, тоа е навистина голема мотивација. И на крајот го гледаш резултатот од својата работа како колективен производ, но знаеш дека без твоето знаење и вештина тој производ немаше да биде таму, тој мост немаше да биде изграден или тој брод немаше да плови.

Да можете да избирате денес, каде би одбрале да работите?

– Во Макстил затоа што е компанија во која што можете да се стекнете со искуство од повеќе области а во исто време да дадете придонес за унапредување на процесот. И каде сте вреднуван и мотивиран за да постигнете повеќе. Тоа ретко се наоѓа.

Работејќи толку долго во металуршка индустрија, што е за Вас најголем предизвик?

– Своевремено мислев дека предизвик ми е да им покажам на моите деца дека со напорна работа, трудољубивост и секојдневно учење, може да се стигне до исполнување на своите цели. Но, со својот пример им го покажав тоа на дело и го прифатија. Така што, денес се предизвикувам себеси со надградување на сопственото знаење и компетенции.

Какви беа почетоците во Макстил?

– Првите денови ми беа во погонот Челичарница, каде што се запознав со производствениот процес во кој од старо железо како суровина се добива полупроизвод за понатамошна обработка – слаб. Работниот ден како оперативен инженер што во исто време учи, се прилагодува на средината и воедно се докажува, брзо поминуваше. И сега се сеќавам на фасцинацијата од процесот но и од големината на Макстил како компанија, во секој дел од производството. Истата фасцинација ме држи и денес и барам момент кога можам да одам во некој од погоните, на моите претходни работни места, само за да ја видам огромната хала, постројката и тој совршено функционален систем.

Канцелариска или теренска работа?

– Една без друга не можат, посебно денес со технолошкиот развој и со напредните барања на пазарот и индустријата. Контролата на некој производ не секогаш се прави визуелно, со прегледување во производство, има уште многу техничка и аналитичка работа што мора да се направи на компјутер.

Каде се гледате во иднина?

– Бидејќи во оваа индустрија постојано се учи нешто ново би сакала да продолжам да се надградувам и да напредувам во кариерата.

Што би им порачале на младите девојки?

– Не постои женска и машка работа и секоја жена може достоинствено и еднакво да одговори на барањата кои произлегуваат од  работното место на која било работна позиција. Ги охрабрувам младите да не се откажуваат од своите желби и храбро да чекорат напред кон исполнување на своите цели во животот.

Поврзани содржини