Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски ја поднесе кандидатурата за градоначалник на Куманово на претстојните локални избори кои ќе се одржат наесен.
„Поддршката од граѓаните на сите релевантни анкети според кои е еден од трите најдобри градоначалници во државата и градоначалник кој највисоко котира од редовите на СДСМ, како и сите непосредни средби со граѓаните од општина Куманово, се мотив за официјално поднесување на кандидатурата за нов градоначалнички мандат на градоначалникот Димитриевски“, информира прес-сллужбата на општина Куманово.
Од таму велат дека Димитриевски заедно со својот тим и со поддршка од граѓаните во изминатите неполни четири години успеа во реализација на многу заеднички проекти за Куманово и кумановчани.
„После долги години Куманово е конечно општина без долгови и финансиски стабилна. Куманово стана град со проекти и перспективи. Го подобривме животот во градот, се инвестираше во инфраструктурата, образованието, спортот, културата, заштитата на животна средина, животот на младите и подобри услови за секој наш сограѓанин. Веруваме дека ќе продолжиме и во иднина, заедно со граѓаните да имплементираме нови проекти за едно модерно и европско Куманово“, се наведува во соопштението.