📽️ МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ СЕ ВЕЕ НА ЗОИ Четворица спортисти ја претставуваат Македонија на Олимпијадата
Четворица македонски спортисти ќе ја претставуваат државата на Зимските олимписки игри 2026 во Италија, а Атанасовска и Јада беа знаменосци на свеченото отворање.
Со свечена и спектакуларна церемонија на легендарниот стадион „Сан Сиро“ во Милано, официјално беа отворени Зимските олимписки игри 2026, а меѓу над 2.800 спортисти од 93 земји, свое достоинствено место зазеде и македонската олимписка делегација.
Македонија на овие Олимписки игри е претставена со четворица спортисти – алпските скијачи Јана Атанасовска и Виктор Петков, како и нордицјците Ставре Јада и Ана Цветановска, кои продефилираа со македонското знаме на свеченото отворање од повеќе локации, меѓу кои Кортина и Ливињо.
Честа да го носат државното знаме на официјалната церемонија им припадна на Јана Атанасовска и Ставре Јада, симболично означувајќи ново поглавје за македонскиот зимски спорт на најголемата светска сцена.
Атанасовска, најмладата македонска натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање, ќе настапи во дисциплините слалом и велеслалом. Виктор Петков, исто така, ќе ги брани македонските бои во алпските дисциплини слалом и велеслалом.
Најискусниот член на делегацијата, Ставре Јада, за кого ова е трето учество на Зимски олимписки игри, ќе се натпреварува во нордиските дисциплини спринт и 10 километри со интервал старт. Ана Цветановска, по настапот на Олимпијадата во Пекинг, повторно ќе ја претставува Македонија во истите нордиски дисциплини.
Зимските олимписки игри 2026 ќе траат нешто повеќе од две недели, а за првпат на зимска олимпијада ќе дебитираат и Бенин, Гвинеја-Бисао и Обединетите Арапски Емирати.
Свеченото отворање беше збогатено со музички настапи – италијанската пејачка Лаура Паузини ја изведе националната химна на Италија, додека ѕвезда на вечерта беше светски познатата Мараја Кери, која настапи пред публиката на „Сан Сиро“.