Македонија заглибена во дното на реалноста?!
Повеќе нема редиците пред банките и маркетите. Нема војници пред болниците. Редиците се преселени пред огласните табли на кои се тискаат некролозите, или, пред дрворедите - ѕидови на плачот.
(Другарки и другари: Признанието, а не свештеникот, е она што ни дава прошка за гревовите)
Нобелоецот Иво Андриќ, во неговото дело „Травничка хроника”, опишувајќи ја состојбата во „конзулскиот” град Травник, на едно место, вели: „оваа ниска стравотија – тоа е дното на реалноста“.
Македонија живее денови на стравотија. Висока, или ниска – кој како милува.
Македонија го загреба и се заглиби во дното на реалноста.
Македонија погребува по педесетина свои синови и ќерки на ден. Во тоа дно на реалноста, Македонија е лидер – толку посакуван, употребуван и злоупотребуван збор на Балканите.
Одовде натаму, овој збор, може да биде своина само на циниците!
Граѓаните во ова проколнета земја, земја на превртена логика, ставени се во позиција – милост, сочувство и емпатија, да очекуваатт од појави, еклатантни примери – собраќа на антихерите од старогрчката митологија (од позиција на предводници тела за спречување на заразни болести!), заробени во фиксацијата за одразот на својата суета, како оној Нарцис, со кого, сите, заедно, треба да се подавиме во реката.
Нашите Нарциси ја сакаат глумата, таа е многу повистинска од животот!
За тоа време, ние сме опитни глувчиња, скриени во заветрина, молчеливи и преплашени. Јавноста не е дорасната за менталниот напор, не се занимава со повеќе од три теми, на секои три месеци.
Во Македонија, не се дават реките во морињата и езерата, туку е обратно, реките течат – низводно, морињата се дават во реките.
Во Македонија, денес луѓето ја знаат цената на сè и вредноста на ништо. (Оскар Вајлд).
Ја сакам татковината – Република Македонија, во која, колку-толку, се вградиле и моите солзи, пот и крв. Се плашам дека апатијата ќе ме надвладее, стравувам дека брзо ќе дојде денот кога ќе престанам да ја сакам Република Македонија, како држава, како структура, како институции.
Тешко е да се живее во земја, во која сиромашните и чесните, најчесто ограбените и обесчестените – заминуваат, а царува бесчестието, правото на здравје и продолжен живот го имаат само оние кои можат да платат 1.000 евра за болнички ден!
Стихијно, или координирано – кој како милува.
Тешко е да се живее во земја, во која, додека обесчестените ги испраќаме, нечесните, мафиозите, ограбувачите, шокот и нашата безнадежност, ги користат само уште малку да заграбат. Додека ние сме окупирани со животот и смртта, тие добиваат простор и време, уште малку да доопустошат.
Тие се надвор, на терен, механизацијата работи со полна пареа.
Ние сме внатре, на Интернет. Порталите отвораат нови рубрики, најчитани се оние за услугите на погребалните оператори.
Нечестивите и обесчестените, заеднички, го носат товарот на страста за пари на нечестивите и гревот за нивното беснење. Алчни прсти, души продадени на ѓаволот.
Повеќе нема редиците пред банките и маркетите. Нема војници пред болниците. Редиците се преселени пред огласните табли на кои се тискаат некролозите, или, пред дрворедите – ѕидови на плачот.
Рано наутро, мајки со исплашени очи на срни, фаќаат ред пред „Дабот на плачот” во Охрид, какви ги има ширум Македонија.
Охриѓани би рекле: сите сме „Поле”! Но, тоа поле, не се необработените ниви, туку „бавчата зелена”, во која „се саат најубавите сејмени”!
Поповите не можат да превстасаат. Доцнат, на паметните мобители калкулираат со термините. Нема слободни термини! Тече подвижната лента – во еден правец!
„Термините” доаѓаат прдвреме. Како во онаа досетка за охридските пензионери. Седеле тројца, на клупата крајезерска, четвртиот, кој наминува, добива одговор: ете, седиме тука, чекаме свој термин. Наредниот ден, веќе биле двајца, а третиот, кој наминува, добива одговор: на третиот од вчера, веќе му дојде „терминот”!
Државните глави „ниту ќе прифатат”, ниту „ќе побараат одговорност”. Божем, виновен е Цацко!?
Кај нив нема вина, виновна е ТВ Телма, виновен е „еден портал”.
Другарки и другари, ако вие во Телма гледате некаков критичар на власта, тогаш, јас не знам што е новинарство, не сум се занимавал со таа професија, изминатиов половина век.
Освен, ако Александар Велики Вучиќ, заедно со вакцините, не ви испорачал и нешто од неговите гени, ако, заедно со срнешкото, не ве нахранил со методите од неговото владење!?
Другарки и другари. Во името на починатите, предвреме заминатите во оваа војна, во овој брод во вртлог без кормилар, соберете сили, побарајте прошка.
Признанието, а не свештеникот, е она што ни дава прошка за гревовите.