МАКЕДОНИЈА УПОРНО ЈА СЛАВИ СРПСКАТА ОКУПАЦИЈА Кој извршил ревизија на историјата, прашува ВМРО-Народна партија

Очигледно празниците од времето кога Македонија била Вардарска Бановина, а Македонците биле Срби, секој месец добиваат свое проширување и надоградување, па ја прашуваме власта, со која историска комисија е донесена одлука великосрпската окупација во Македонија да биде прогласена за општа историја, реагира ВМРО-народна за вчерашното одбележување во Битола на крајот на Првата светска војна.

678

Вчера на српските воени гробишта во Битола повторно бевме сведоци на македонска прослава на српската окупација, овој пат за време на Првата светска војна, реагира партијата ВМРО-Народна. Прославата, се случи во присуство на македонскиот потпретседател на Владата и градончалникот на општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со српски старешини и политичари.

„Прославите на нашето најцрно ропство кои изминатите месеци ги гледавме на Кајмакчалан, за битката на Брегалница, во прославата кај Зебрњак, овој пат се прошируваат и на Битола. Очигледно празниците од времето кога Македонија била Вардарска Бановина, а Македонците биле Срби, секој месец добиваат свое проширување и надоградување. Александар Караѓорѓевиќ, кој македонските комунисти го нарекуваат монархофашист станува ослободител на Македонија во време кога во С. Македонија владее партија која го носи името на ВМРО“, реагира партијата на Љубчо Георгиевски.






Затоа, се додава во реакцијата, ВМРО-Народна партија повторно отворено ја прашува македонската власт, со која историска комисија е донесена одлука великосрпската окупација во Македонија да биде прогласена за општа историја.

„Власта на ВМРО ја прашуваме до кога ќе ја витка кичмата пред оваа брутална негација на македонската историја“, реагира ВМРО-Народна партија.

На официјалната страница на Општина Битола на Фејсбук вчера беа објавени информации и фотографии од одбележувањето на Денот на примирјето во Првата светска војна.

„Потпишувањето на примирје се случи во железничкиот вагон во Франкпорт во близина на Компијења, Франција и стапи на сила во 11 часот на 11. 11.1918 година, со што се окончаа борбите во Првата светска војна, која беше една од најразорните која ја имаше светот дотогаш видено. По повод 106 години од пробивањето на Солунскиот фронт, на српските воени гробишта со положување на свежо цвеќе градоначалникот Тони Коњановски изрази чест и можност заедно со високи претставници на Република Србија – државниот секретар Зоран Антиќ, како и со потпретседателот на Владата Иван Стоилковиќ, амбасадорката на Србија Невена Јовановиќ, пратеници од Собранието на Македонија, претставници на Заедницата на Срби во Македонија, заедно да одадат почит на паднатите борци од Солунскиот фронт и сите жртви кои страдале за време на Првата светска војна од овој регион“, објави Општина Битола.

Градоначалникот Коњановски на одбележувањето истакна дека Франција ја прогласила Битола за град страдалник.

„Денес сме тука да одадеме почит, бидејќи Битола ги почитува традициите и ги чува спомените на тие бурни времиња, но тука сме и да ги негуваме пријателските односи и да истакнеме дека денес се други времиња, времиња во кои науката , знаењето, градењето на пријателства треба да нè водат напред“ порача градоначалникот Тони Коњановски.

Поврзани содржини