Македонија сме, или…?

Практично, со член 7, во вода паѓаат сите делови од член 1, став 3 (ги има едно чудо), од договорот, со коишто се вергла дека мораме на секаде да го користиме новото име. Со член 7, меѓутоа, прецизно се дефинира дека немаме никакво ограничување во користењето на термините „Македонија“ и „македонски“! А, кој што ќе подразбира под нив, е лично право

7,796

Во катастрофалниот, капитулантски и ништожен договор од Нивици, (сепак!) не ни се забранува да го користиме своето историско име – Македонија. Сосема намерно, договорот е крајно комплициран, контрадикторен, дури и неразбирлив. Целта сигурно била грчката страна да може тоа максимално ќе го злоупотребува. Во него има обврски дури и за трети земји што е – чиста бесмислица. Тоа што некој од „наша страна“ се осмелил да потпишува и толкување на нашата историја и јазик, веќе е прашање ем за врвните домашни правни институции, како Уставен суд, ем за органите на прогонот, ем за лекарски конзилиум.

Во договорот, со член 1, став 3, детално се прецизира како, и на најширока основа, мора да се користи новото име на насилно прекрстената држава. Во ред, сме нашле кумови и треба да ги искористиме до крај.






Во целина, клучен интерес на јужниот сосед во договорот, сепак, беше присвојување на античкиот бренд – Македонија. Затоа беше и прекрстувањето на државата и народот. Со член 7, токму тоа се регулира. Сме потпишале дека античка Македонија, Александар Македонски, јазикот… и се’ од тој период, е дел од грчката историја.

Меѓутоа, членот 7 има нагласено значаен и за нас, ама тоа никој не го согледува. Еве детали.

Член 7, став 2, гласи – термините „Македонија“ и „македонски“ за Грција – „ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна (Грција) туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“!

Член 7, став 3, дефинира, пак, дека за Втората страна (Македонија) – „овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став 2 (за Грција)“.

Практично, со член 7, во вода паѓаат сите делови од член 1, став 3 (ги има едно чудо), од договорот, со коишто се вергла дека мораме на секаде да го користиме новото име. Со член 7, меѓутоа, прецизно се дефинира дека немаме никакво ограничување во користењето на термините „Македонија“ и „македонски“! А, кој што ќе подразбира под нив, е лично право.

Притоа, зошто би се врзувале ние за член 1, став 3, кога имаме алтернатива? Ќе се повикуваме на член 7, став 3, и секаде ќе зборуваме за Македонија и македонски. Сите договори во светот секоја страна ги толкува на свој начин.

Ова е најкусиот одговор на сите душегрижници, и дома, ама особено во странство, околу ставот на нашата претседателка, којшто сосема сигурно ќе биден следен и од новата Влада. Ако, благодарејќи на „грчката широкоградост“ (!?), нашава држава има право да ги користи термините „Македонија“ и „македонски“, врз основа на што новата претседателка не смееше да спомне дека нашава држава е – Македонија?

Клучно е што нашето уставното име е – Македонија! „Република“ е – политичка одредница, а „Северна“ – непотребна географска додавка, којашто ни е насилно наметната. Таа ќе имаше барем некаква логика, само ако имаше и Јужна Македонија. „Северна“, од што? Од Јужниот пол?

Затоа, нема никаква потреба да се изговори целата уставна формулација, дури и кога се работи за инаугурација на функцијата претседател. Особено ако се знае дека дел од истата формулација не е наш избор и е против волјата на народот. Затоа, името на оваа наша држава е, и останува – Македонија. Што и да и се додаде со некој ништожен договор.

Не може никој да нѐ тера, камоли присилува секаде да ги користиме и политичката одредница, и насилната географска додавка од уставното име. Обврска е користење само на името, а тоа е Македонија. Другото е избор. Генерално, таква е праксата и низ целиот свет. Некои држави имаат повеќе имиња (Грција), на други целосно им се менува името при превод (Германија), а најчесто, во сите држави, се користи само името, без какви било додавки (политички, географски, религиозни…).

Најважен е фактот дека договорот од Нивици е автоматски ништожен бидејќи другата страна не го спроведува. И, каков парадокс! До каде нѐ понижуваат и игнорираат! Ем велат дека немаат намера да го спроведуваат договорот (до сега тврдеа дека тоа ќе го направат кога ќе дојде време!) ем ни се закануваат дека ние мора да го спроведуваме!? Ни хитлеровци не беа вака третирани, по поразот на фашизмот.

Во целата оваа турлитава, треба да се засрамиме и од светов во кој живееме, и од неговите лидери. Се отиде и на Месечината, ќе се оди и подалеку, ама се’ уште нема основни принципи и правила на чесно однесување. Пустите интереси, уништија се’. Треба да ги има, не е спорно, тие се добра мотивација, ама мора да има граници. Црвени линии.

Не може нешто да биде добро и нормално за едните, ама да не биде дозволено за другите. Токму така се однесуваат тие што максимално се удираат во гради дека се некакви (никакви) демократи, (не дај Боже) борци за човекови права (коишто бесрамно ги газат и политички злоупотребуваат), некакви неолиберали, што треба да значи и толеранција, а ја нема…

Деновиве, крајно непотребно, бесмислено и политикантски, скокнаа нашите соседи, ама и Брисел и Вашингтон, сигурно придружени и од Париз, Берлин… коишто привремено молчат. Високо позиционирана жена ни дојде и од Вашингтон, сигурно со задача да не вразуми. Демек, сме го прекршиле договорот од Нивици! И, сите тие се чувствуваат повредени! А, тоа се токму тие што на силеџиски, нелегален, безумен, средновековен, разурнувачки… начин – нѐ прекрстија. Против волјата на нашиот народ, ама со согласност на предавниците, коишто тие ги донесоа на власт.

Како што се гледа, сметаат дека нивниот злочин, од Нивици, е завршена работа и Македонија и вистинските Македонци, веќе не постојат. Нели, сме потпишале дека е така! Очигледно, за овие „демократски земји“ меѓународните договори се света работа која мора да се почитува и Македонија не може да биде исклучок. Арно ама, не е баш така.

Ако беше така, истите овие „борци за правдата“ немаше да дозволат да не се спроведува Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција (1995), потпишана под палката на САД и ООН. И, не само спогодбата! За нејзиното флагрантно непочитување, Македонија доби и брилијантна пресуда од Меѓународниот суд на правдата, во Хаг. Арно ама, испадна за – џабе. Таа беше против интересите на овие светски гусари, погоре спомнати, и тие ја игнорираа.

Сега, иако нема никакви елементи дека сме го прекршиле договорот од Нивици, светските џандари се уплашија дека процесот на бришење на Македонците е загрозен, и веднаш се залетаа, за да ги спречат таквите обиди.

Да не беше жалосно, ќе беше смешно што истите тие се загрижени и за нашиот Устав. Демек, нашата претседателка го прекршила, со тоа што својата држава ја нарекла – Македонија! А, како да ја нарече? Тринидад и Тобаго?

Верувале или не, ама на сите овие наши „стратегиски пријатели“, воопшто не им пречи грчкото игнорирање на договорот! Сите „западните демократии“ фрлаат дрвја и камења врз Македонија дека не го почитува договорот од Нивици, а имаше само една изјава дека двете страни треба да го спроведуваат. Тоа се катастрофалните двојни стандарди, чија голема жртва е Македонија. Тоа не треба да чуди бидејќи до тоа дереџе ни падна рејтингот на меѓународната сцена, благодарејќи на „нашите“ досегашни имбецили.

Најстрашно во целата оваа каша е однесувањето на „нашите“ ситни, мизерни, ментално девијантни колаборационисти коишто јавно се спротивставија на официјалното користење на името – Македонија. Ем е за не верување, ем е да им се чудиш на паметот. Изјавите коишто ги даваат и „објаснувањата“ коишто ги користат се толку срамни за нив самите, што те тераат да ги жалиш. Прости им Господе, не знаат што прават! Гоце Делчев навистина бил во право кога кажал дека нема друг народ на светот со толку предавници во своите редови.

Ако, сите душмани нека пукаат од мака што правите Македонците се неуништиви.

Македонија вечна!

Поврзани содржини