МАКЕДОНИЈА ПОФАЛЕНА ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ И ЗА УСОГЛАСЕНОСТА СО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА НА ЕУ Економски напредува, но остана „заглавена“ поради билатерален спор, оцени Политико
Според извештајот на ЕК за напредокот на земјата, Македонија останува во групата земји што демонстрираат политичка волја и континуиран институционален напредок, пишува Политико.
Европската комисија денеска ќе ги објави годишните извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската Унија, кои претставуваат сеопфатна оценка на реформите и евроинтегративниот процес на секоја земја.
Според најавите и дипломатските извори на бриселскиот медиум Политико, Македонија ќе биде пофалена за инвестициите и за целосното усогласување со надворешната политика на Европската Унија, како и за учеството во регионалните иницијативи – области што се во надлежност на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Како што наведува медиумот, земјата и натаму е „заглавена“ поради нерешените билатерални прашања со Бугарија поврзани со историјата и со јазикот и покрај тоа што во 2019 година го промени уставното име како дел од Договорот од Преспа со Грција.
Според извештајот, Македонија останува во групата земји што демонстрираат политичка волја и континуиран институционален напредок, но без значителен исчекор што би го придвижил процесот кон отворање на нови кластери во преговорите.
Во документот е наведено дека Македонија бележи 100% усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и со санкциите кон Русија, како и дека има потпишано Партнерство со ЕУ во областа на одбраната и безбедноста.
Во извештајот се нотира и активното учество во регионалните иницијативи како ЦЕФТА, Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст на Западен Балкан, како и континуираната имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Во економскиот дел се потенцира стабилен банкарски сектор и умерен раст на БДП, пристапувањето во СЕПА, подобрувањата на пазарот на труд и спроведувањето на програмите за вработување на младите. Дополнително, се поздравува назначувањето на членовите на Фискалниот совет и усвојувањето на Законот за јавна внатрешна контрола.
Во областа на дигитализацијата, според извештајот, се бележи напредок во дигиталниот идентитет, електронските регистри и системите за е-набавки, како и развој на стратегии за сајбер-безбедност и дигитална трансформација.
Извештајот ја нотира и зголемената вклученост на земјата во програмите Horizon Europe Хоризон Еуропе и COST, спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација, воспоставувањето на Центар за дигитални иновации, како и примената на шемата за гаранција за млади.
Во инфраструктурниот и енергетскиот дел, Европската комисија бележи напредок во проектите на Коридорот 8 и TEN-T, усвојување на новиот Закон за енергија и спроведување на Планот за праведна транзиција.
Во споредба со другите кандидати, Црна Гора е оценета како најнапредна земја со оценка „А“, Албанија доби „А-“, Молдавија и Украина се оценети со „Б+“ и „Б“, додека Србија и Босна и Херцеговина добиja „Д“ поради политички кризи и застој во реформите. Грузија е оценета со „Ф“.
Официјалните извештаи на Европската комисија ќе бидат објавени во текот на денот, со детални оценки по сектори за секоја земја кандидат и потенцијален кандидат.