МАКЕДОНИЈА ПАК НА СПИСОКОТ НА РИЗИЧНИ ЗЕМЈИ Германија, Финска и Хонг Конг имаат нови протоколи за влез
Заради ситуацијата со ковид 19-пандемијата Германија ја врати Северна Македонија на списокот на ризични земји, а нови ковид-протоколи има и за влез за нашите граѓани има во Финска и Хонг Конг, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Германија
Со најновата одлука на германските власти, од македонските државјани при влез во Германија се бара електронско пријавување и поседување потврда за вакцинација или за прележан ковид или негативен ПЦР тест. За лицата кои не биле заразени со ковид и не се вакцинирани, следува мерката за 10-дневен карантин, при што можат да бидат ослободени најрано на петтиот ден со тестирање за ковид-19. Од оваа мерка се ослободени невакцинираните деца до шест години, на кои сепак карантинот им се прекинува по пет дена.
Финска
Со нов ковид-протокол е и Република Финска. Сите лица, вклучувајќи и наши државјани, кои не можат да се вакцинираат против ковид-19 од медицински причини, можат да влезат во Финска доколку имаат лекарско уверение кое го покажува тоа, заедно со потврда за негативен тест, не постар од 48 часа. За сите останати (освен оние со регулиран престој) кои пристигнуваат во Финска и натаму се задолжени да приложат доказ за целосна вакцинација или оздравување од ковид-19 (во изминатите шест месеци) заедно со негативен тест за ковид (не постар од 48 часа).
Хонг Конг
Истовремено, Владата на Хонг Конг Специјален Административен Регион донесе одлука за измена на условите за влез во Хонг Конг, согласно која Република Северна Македонија се наоѓа во Група А земји каде се детектирани случаи на омикрон. Поради тоа, се ограничува влез на наши државјани и странци (кои не се резиденти на Хонг Конг), а кои во изминатите 21 ден престојувале во Северна Македонија. Дополнително, дозволен е влез за резиденти на Хонг Конг, но со 21-дневен задолжителен карантин и дури 6 ПЦР теста.
Повеќе информации може да се најдат овде.
САД ставија 22 земји на „опасниот“ список
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вчера издаде препорака до американските граѓани да не патуваат во 22 земји и територии поради коронавирусот.
Британските медиуми пренесуваат дека, меѓу другите, на американските граѓани им се советува да не патуваат во Израел, Австралија, Египет, Албанија, Аргентина и Уругвај …
ЦДЦ ја крена својата препорака на повисоко „четврто ниво, за многу висок ризик“ од патување, објаснувајќи дека треба да се избегнува патување до ризични дестинации, вклучувајќи ги Панама, Катар, Бахамите, Бахреин и Боливија.