Македонија навива за Дејан Георгиевски, кој веќе има сребро, но ќе се бори за олимписко злато!
„По борбата го зедов знамето и свртив еден круг околу борилиштето, за сите да знаат од каде доаѓам. Го ставив знамето на среде и се поклонив, бидејќи ова го правам за мојата држава Македонија“, гордо изјавува Георгиевски.
Ја скршил ногата за да стигне до европското злато и да им покаже на Русите која е Македонија во 2017 година. Морал да издржи низ пеколните квалификации за Олимпијадата во Токио со повреден прст, а за момент ја изгубил свеста во натпревар, бидејќи „нема откажување“, како што го бодрел брат му во младоста.
Кој е Дејан Георгиевски, македонскиот ас во таеквондо и наша најголема шанса да освоиме златен медал на игрите кои моментално се случуваат во Токио?
„Нема откажување!“
22-годишниот Георгиевски почнал да тренира таеквондо откако со брат му отишле да видат демонстрација на спортот која се одржала во салата на училиштето „Свети Климент Охридски“, каде што тогаш Дејан учел во четврто одделение.
Фасцинацијата била голема. Клубот „Бутел“ и сега и тогаш е како едно големо семејство, објаснува Георгиевски во своето ју-тјуб интервју. Борците излегуваат зааедно, се дружат, а во зближувањето им помагаат и тренерите.
Меѓусебната подрршка довела брат му да стане балкански таеквондо шампион, а набрзо се придружила и неговата сестра, која е светски јуниорски шампион.
– Кога станав јуниор, моите тренери веќе веруваа дека има олимпиец во мене – вели Георгиевски за своите почетоци во ју-тјуб интервју за радио „Лидер“.
„Нема откажување“, му велел брат му кога требало да одат на тренинзи. Следеле 5 европски медали, медал од Медитеранските игри и други успеси. Но, тоа не било доволно за Георгиевски. Време било да се освои европското злато.
Со скршена нога до трет во Европа
Патот до европското злато бил горчлив. Прво, успеал да го освоил третото место во Европа. На првиот натпревар од тогашното првенство ја скршил ногата, но решил да продолжи, иако го убедувале да одмори. Покрај него цело време бил тренерот Дарко Костовски.
– Ако нема пречки во животот, тоа не е добро. Не се откажувајте и верувајте во себе – охрабрува Георгиевски во интервјуто.
Наскоро дошла и наградата – трето место на тогашното европско првенство.

Онесвествен пред Германците, ги нокаутираше Русите за злато
Не била лесна ни трката за европско злато. Тогаш имал само 18 години. Пред финалната борба имал особено тежок дуел со германскиот претставник, по што кратко бил онесвествен.
– Во таа борба добив удар со рака по глава и на момент ја загубив свеста. За среќа, брзо се повратив и успеав да го победам. Тoа беше само една од сите пет борби кои ги имав тој ден – се сеќава европскиот шампион во интервју за „Скопско Ехо“.
По германскиот следел рускиот претставник во финалето.
– Тоа беше најголемата тишина што сум ја доживеал во мојот живот. Целата сала молчеше, владееше апсолутна тишина додека во финалето се борев со рускиот претставник. Беше тоа жестока борба во која публиката очигледно уживаше. Кога победив на среќата ѝ немаше крај, се радував како јас, така и сите во нашата екипа. Сега одам во нови предизвици –
Русите доминирале со првенството за млади под 21 година. Всушност, сите други медали ги освоиле Руси и Русинки.
– Само јас успеав да ја запишам Македонија како земја, која освен Русија, освоила злато – вели Георгиевски.
Но, и со злато Георгиевски бил само на 70-тото место во светската ранг-листа. За да се пласира на Олимпијадата во Токио тој морал да помине низ бројни Г1-турнири.
Со повреден прст се квалификувал за Олимпијадата во Токио
Тренинзи, натпревари и уште тренинзи. Само една борба го делела Георгиевски од квалификациите кога повторно го повредил својот прст на ногата. Овојпат, ако се откажел, толку од Олимпијадата. Од другата страна бил Исаев, претставникот на Азербеџан, Олимписки шампион од 2016 година и претходен светски шампион.
– Пеколни квалификации и преголема конкуренција – вели Дејан за „Лидер“, но според него не смее да има ни најмало откажување кај борачот.
Со тројца или четворица од 16-мината олипмпијци кои се натпреваруваа за златото во Токио, Георгиевски веќе се борел, и во повеќето рунди, имале сличен резултат, или тој победувал или било нерешено.
Блескава беше сликата каде нашиот олимпиец Георгиевски го држи македонското знаме на преносот на МТВ 1, но уште поемотивен беше неговиот поклон пред знамето во Софија кога дозна дека ќе биде прв знаменосец на земјата во овој спорт.
– По борбата го земав знамето и свртив еден круг околу борилиштето за сите да знаат од каде доаѓам. Го ставив знамето на среде и се поклонив, бидејќи ова го правам за мојата држава Македонија – гордо изјавува Георгиевски.

За Олимписко злато пак борба со Русите!
Ќе освои ли Македонија олимписко злато во таеквондо? Се чини дека како и европското првенство во 2017 година, Георгиевски ќе мора да се бори со Русите и повторно да им покаже која е издржливоста на Македонецот, иако веќе целата нација му го честиташе и е повеќе од задоволна од неговиот сребрен медал.
– Убавината на таеквондото е што овој спорт има одлична рефлексија врз физичкото здравје, се гради здрава и цврста мускулатура и голема физичка моторика. Освен тоа, се развива цврст и стабилен карактер кој се крепи со многу храброст и одлучност. А кралица на сето ова е дисциплината. Таеквондо е начин на живот од кој можеме да имаме само корист – дециден е Дејан за „Скопско ехо“.
Сигурното сребро кое му следува на Георгиевски дојде по напорниот меч со Кореецот Ин. Откако го победи Гбане за да влезе во четврт-финалето, Георгиевски мораше да биде претпазлив со Ин. Првите 1:0 ги освои како казна за противникот, а потоа поведе со неверојатни 5:1! До крајот на рундата Кореецот освои два поени, но водството уште беше кај Дејан.
Во завршните 40 секунди, Георгиевски водеше со 10:4 и уште тогаш се знаеше дека среброто е тука, за крајниот резултат од 12:4 да го отвори патот до финалето. Македонија сака злато, а за него Георгиевски ќе се бори во 14:45 часот против светскиот шампион – Русинот Владислав Ларин.
Македонија навива за Дејан!