МАКЕДОНИЈА ЌЕ УПАТИ НА РАЗУМ ВО СТРАЗБУР ПРОТИВ „МОДЕРНИОТ“ АМАНДМАН Не е мала работа што ЕУ разбра што прави Бугарија, смета Муцунски

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија потсетува дека не е мала работа што извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц, во кој се споменува македонскиот идентитет беше усвоен во комисијата за надворешни работи АФЕТ на Европарламентот со огромно мнозинство, спротивно од изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев и лидерот на ГЕРБ кои така го претставија во медиумите.

1,626

Македонија нема механизам да го спречи евентуалното усвојување на амандманот кон Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кој треба да биде изгласан на почетокот на јули, но ќе направи сè за да упати на разум.

Со вакви зборови одговори министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прашањето што ако биде донесен амандманот со кој бугарски европратеници бараат да стои придавката „модерен“ пред македонски јазик во извештајот.






Муцунски потсетува дека не е мала работа што извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц, во кој се споменува македонскиот идентитет беше усвоен во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот со огромно мнозинство, спротивно од писмото на бугарскиот претседател Румен Радев и изјавата на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој рече дека „ништо фатално не се случило“.

– Тоа што со огромно мнозинство беше усвоен извештајот за Македонија во АФЕТ за мене е историски момент. Велам дека не е триумфален, но е историски момент поради неговата содржина во која се споменува македонскиот идентитет. Ќе повторам, тоа не е мала работа – изјави Муцунски на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во првата година од мандатот.

Министерот потсети дека Македонија има многу пријатели кои ја разбираат ситуацијата во која се наоѓа земјава во спорот со Бугарија.

– Не сме членка на ЕУ, за тоа не се прашуваме, но, тоа што го имаме се многу пријатели во ЕУ кои ни посакуваат успех. Со нашиот ангажман ќе направиме сè што можеме да направиме за да упатиме на разум во Европарламентот. Да не дозволиме воопшто да се помисли колку би било страшно европарламентот да се впушти во создавање нов македонски идентитет, што е толку спротивно на европските принципи. Посакуваме да веруваме дека ќе ЕУ ќе постапи согласно сопствените вредности – порача Муцунски.

Според него, Бугарија во последните недели влегува во опасна реторика и ако мисли дека бранењето на македонскиот идентитет е говор на омраза, тогаш имаме уште поголем проблем во спорот.

– Проверете ги сите изјави на владата и на МНРнТ, таму нема ниту една изјава со говор на омраза. Ако Софија го смета нашето инсистирање на македонскиот идентитет за омраза, тогаш проблемот е уште поголем. Како земја кандидат правиме сè да создадеме свест за тоа што ѝ се правело на Македонија во последните 30 години во меѓународните односи, но и контекст за тоа што се ѝ се прави сега на Македонија – рече Муцунски во врска со наводите дека бугарскиот премиер Росен Жељазков добил гаранции од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта дека ќе биде спроведена Преговарачката рамка договорена во 2022 година.

На прашањето да ја коментирата изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгеив, во која Гоергиев за БГНЕС тврдеше дека добил клучно уверување од Австрија дека земјата нема да ја смени својата позиција за Македонија и за Преговарачката рамка, Муцунски вели:

– Колешката министерка од Австрија беше тука во посета, навратете се на нејзините изјави и позиции. Кај огромно мнозинство членки во ЕУ има силно разбирање за фрустрациите на Македонија на европскиот пат. Има дури и свест дека тоа што ѝ се прави на Македонија е нелегитимно во политиката на проширување. Замислете, во минатото, имаше бранови на проширување на ЕУ со по повеќе земји, интензивна политика. За жал, Софија во последниот период се однесува ретроградно и тоа не користи никому. Политиката на Софија исто така ги оттуѓува граѓаните на Македонија и на Бугарија.

Македонија инсистира на силни гаранции дека уставните измени ќе бидат последниот услов на европскиот пат и дека нема да има билатеризирање на спорот.

Во светло на извештајот на Европската комисија кој беше усвоен и чека на гласање во Европарламент кое треба да се случи на почетокот на јули, координаторот на пратеничката група на конзервативната Европска народна партија (ЕПП), Михаел Галер, предложи амандман со кој пред терминот македонски јазик во текстот ќе стои „модерен“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски оваа недела изјави дека излегла на виделина „руската политика“ на Софија кон Скопје и дека ЕУ ја увидела бугарската тактика за редефинирање на македонскиот идентитет.

На сличен став е и првиот дипломат Муцунски кој ги повтори црвените линии велејќи дека е срамно ако Софија навистина има за цел да нѐ редефинира.

– Срамно е нашиот сосед да мисли дека може членството во ЕУ да го користи за редефинирање на македонскиот идентитет. Постојано велам дека Софија во последно време влезе во опасен наратив. Ние имаме неколку црвени линии од кои нема поместување. Тоа се јазикот, идентитетот и културно-историското минато кое мора да биде потврдено, но исто така и имплементација на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур – истакна Муцунски.

 

Поврзани содржини