ЛУЃЕ, СВЕСТЕТЕ СЕ, ИЗГИНАВМЕ ВО СООБРАЌАЈКИ! МВР апелира до граѓаните да ги сменат сообраќајните навики
Нема ништо поважно од човечкиот живот. Безбедноста на патиштата не зависи само од полицијата и контролите, туку пред сè од секој поединец зад воланот.
Поради преголемиот број сообраќајни несреќи и жрвти во сообраќајот, Министерството за внатрешни работи упати апел до сите граѓани да ја зголемат свеста и одговорноста во сообраќајот и најавува строги контроли и казни во иднина. На возачите им порачува да не пијат кога возат, да не користат мобилен телефон додека управуваат возила, да не возат пребрзо, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи…
Апелот на МВР го пренесуваме во целот:
„Во првите четири дена од месец ноември во сообраќајни несреќи на територија на државата животот го загубија шест лица. Од почетокот на оваа година заклучно со октомври регистрирани се 115 жртви. Во текот на минатата година регистрирани се 142 жртви во сообраќајни несреќи. Тоа не се само бројки – тоа се нечиј син, нечија мајка, сопруг, дете. Нечиј деца остануваат без родители и обратно родители остануваат без своите деца. Овој, без дилема, поразителен биланс не е производ на природни катастрофи или воени конфликти, туку резултат на нашата култура, менталитет и однесување во сообраќајот. Не смееме да дозволиме сообраќајот од секојдневна неопходност да прерасне во нужно зло на современото живеење.
Статистиката покажува дека најчестите причинители кои доведуваат до сообраќајни несреќи со фатални последици се пред се непочитувањето на сообраќајните правила, односно користењето на мобилен телефон при возење, возењето со брзина поголема од дозволената, возењето под дејство на алкохол, итн. Апелираме до граѓаните: оставете го мобилниот телефон додека управувате со возилото, не возете со брзина поголема од дозволената, не седнувајте зад воланот доколку сте конзумирале алкохол. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи не го ставајте во ризик вашиот и животот на вашите најмили, како и на останатите учесници во сообраќајот.
Апелираме до родителите: не им дозволувајте на вашите деца да управуваат било какво превозно средство без соодветна обука и дозвола. Сообраќајната култура мора да им се вгради и вгнезди на децата уште од најмала возраст, а тука големо влијание имаат родителите и целокупниот воспитно-образовен процес.
Затоа уште еднаш, со најголема одговорност апелираме до сите учесници во сообраќајот, бидете совесни, внимателни и дисциплинирани. Една непромислена одлука – возење со мобилен телефон во рака или со брзина поголема од дозволената, или под дејство на алкохол – може да го одземе вашиот или нечиј друг живот.
Нема ништо поважно од човечкиот живот. Безбедноста на патиштата не зависи само од полицијата и контролите, туку пред сè од секој поединец зад воланот.
Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со засилени контроли на терен, но вистинската промена почнува со одговорноста на секој возач. Почитувајте ги правилата, намалете ја брзината и не седнувајте зад волан под дејство на алкохол. Да возиме со ум, не со емоции. Да не дозволиме нашето невнимание да биде причината некој да не се врати дома.“