Лиле се испаничи: ДУИ сака да ги лапне зелените фондови
Со овој потег ДУИ најавува дека и понатаму неприкосновено ќе владее со ресорот животна средина, особено во светлото на климатската акција, зелените фондови за развој на зелена економија и енергетската транцизија од фосилни кон обновливи енергии - вели претседателката на ДОМ.
Поранешната пратеничка и претседателка на „најзелената“ политичка партија ДОМ, Лилјана Поповска во изјава за „Дојче веле“ вели дека „ребрендирањето“ на ДУИ во зелена партија е во контекст на најавените зелени фондови кои се поврзани со бизнисите што треба да направат транзиција од користење на фосилни во обновливи извори на енергија.
– Мислам дека партијата си направи алиби за да ги забетонира постојните и да ги прошири и надгради политичките позиции во областа на „еколошките“ бизниси. Веќе две децении имаат огромна моќ во областа на животна средина и бизнисите што ја тангираат. На чело се на цел синџир од институции, како министерства за екологија и економија, инспекторати за животна средина, техничка инспекција, шумска полиција и сл., а Македонија има сериозни еколошки проблеми, честопати поврзани со организиран криминал и корупција. Со овој потег ДУИ најавува дека и понатаму неприкосновено ќе владее со ресорот животна средина, особено во светлото на климатската акција, зелените фондови за развој на зелена економија и енергетската транцизија од фосилни кон обновливи енергии – вели Поповска за „Дојче Веле“.
Таа објаснува дека зелениот бран опфаќа масовни грантови и кредитирања на Балканот и во тој контекст потегот на ДУИ го гледа како номинално фаќање на чекор со актуелните глобални трендови.
– Сепак, претенциозно е да се преоблечат во „зелено“, знаејќи ги високите стандарди и принципи на таа идеологија, а имајќи ги пред очи резултатите од општините каде што имаат градоначалници – додава Поповска.