СЕ ЈАВИЈА СТАНАРИТЕ ОД ЏЕВАХИР Лифтовите не беа исклучени, лажните информации му штетат на угледот на станбениот комплекс
Потенцираме дека снабдувањето со електрична енергија за лифтовите во зградите не беше исклучено. Дополнително, укажуваме дека во зградите постојат нерасчистени односи помеѓу станарите и компанијата „Се Клуб“ која управува со зградите (а која нема никаква поврзаност со Џевахир) поради нередовна наплата и нередовно плаќање на месечните трошоци за одржување и сметки за електрична енергија, како и поради покачувањето на цената на електричната енергија сметано од јули 2022 година. Инаку, интензивно се работи на решавање на сите прашања и извесно е дека функционирањето со зградите ќе биде доведено во најдобар ред, се вели во реакцијата од станарите на комплексот Џевахир Сити.
Група станари од двете кули А и Б од комплексот Џевахир до повеќе медиуми пратија реакција во која велат дека не е точна информацијата дека во комплексот не работеле лифтовите, односно дека станарите морале сами да се качуваат по скалите.
Станарите во реакцијата велат дека постои проблем со неплатени сметки и со покачена цена на струјата меѓу компанијата која го сервисира комплексот, „Се Клуб“, а која станарите сами ја избрале да го одржува комплексот од 2019 година. (Компанијата „Се Клуб“ претходно излезе со свој демант исто така до медиумите, велејќи дека лифтовите биле исклучени само 10 минути и тоа поради технички проблем, а не поради неплатени сметки).
Станарите уверуваат дека нерасчистените прашања меѓу компанијата и нив ќе бидат разрешени, а во меѓувреме да не се лиферува со паушални информации бидејќи тие му штетат на угледот на Џевахир, но им штети и ним и нивната инвестиција вложена при купувањето на становите.
Во продолжение го пренесуваме целиот проглас на станарите:
„Во изминатиот период во медиумите беше објавена информација за исклучени лифтови во кулата А и кулата Б во Џевахир Скај Сити, поради неплатени сметки за електрична енергија, при што комплексот Џевахир Скај Сити и компанијата Џевахир како носител на проектот беа наведени во негативна конотација и на тој начин изложени на ризик за својата репутација, а ние како станари изложени на ризик за нашата инвестиција вложена при купувањето на становите.
Потенцираме дека снабдувањето со електрична енергија за лифтовите во зградите не беше исклучено. Дополнително, укажуваме дека во зградите постојат нерасчистени односи помеѓу станарите и компанијата „Се Клуб“ која управува со зградите (а која нема никаква поврзаност со Џевахир) поради нередовна наплата и нередовно плаќање на месечните трошоци за одржување и сметки за електрична енергија, како и поради покачувањето на цената на електричната енергија сметано од јули 2022 година. Инаку, интензивно се работи на решавање на сите прашања и извесно е дека функционирањето со зградите ќе биде доведено во најдобар ред.
Од друга страна, Џевахир со изградата на кулата А заврши во 2017 година, а со изградбата на кулата Б заврши во 2018 година, кога и зградите како конечни објекти уредно беа примени од станарите, врз основа на валидно потпишани договори за уредување на заемни односи меѓу станарите и подготвени договори за управување со заедничките простории, што значи со целосно уреден систем на одржување на истите. Потоа Џевахир учествуваше во управувањето со зградите до крајот на 2019 година, до кога одржувањето на зградите функционираше речиси беспрекорно.
Кон крајот на 2019 година, управувањето на зградите беше предадено на посебна компанија за управување која немаше никаква поврзаност со Џевахир, врз основа на претходно спроведено интерно гласање на станарите. Сегашниот управител на зградите – компанијата „Се Клуб Скопје“ која управува со зградите од февруари 2021 година е, исто така, компанија која е избрана од станарите во зградите и со работењето на оваа компанија Џевахир нема никаква врска.
Без оглед на ова, Џевахир постојано – сметано од денот на предавањето на зградите до денес, го помага функционирањето на зградите, и тоа како со техничка подршка преку своите вработени и опрема при адресирање на одредени технички прашања кои фирмите управители на зградите, поради комплексноста на истите, не можат самостојно да ги решат, така и со финансиска подршка на управителите на зградите за намирување на долгови на зградите креирани поради нередовна наплата и нередовно плаќање на сметките.
Со жал констатираме дека со изнесување во медиумите на паушални констатации извадени од контекс неправедно се причинува голема штета по целиот комплекс, на Џевахир како носител на проектот, и секако на нас станарите кои живееме во зградите и на нашите инвестиции во становите, што попречува овој уникатен проект да го покаже својот максимален капацитет со сите свои специфики“, се вели во мејлот потпишан од група станари од Кула А и Кула Б во Џевахир Скај Сити.