КУМАНОВО НИКОГАШ НЕ СТОЕЛО ФИНАНСИСКИ ПОДОБРО ОД СЕГА Димитриевски ветува целосна гасификација на градот

Уште пред 3 години со министерот за здравство Филипче зборувавме и јавно вети гасификација на болницата. Ние го завршивме нашиот дел, испорачавме цевка, гас во болницата, уште со прст немаат мрднато, вели Димитриевски.

395

Подобра финансиска состојба Општина Куманово немала никогаш како сега, рече независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, во денешното гостување на Утрински брифинг, кој заедно со неговиот тим продолжува со концептот „За наше Куманово“, којшто масовно е поддржан од кумановци.

– Од трите најзадолжени општини во Македонија, Куманово беше финансиски блокирана. Ја деблокиравме општината, плативме долгови, камати, судски извршни решенија, сето ова беше повеќе од 11 ипол милиони евра. Сега имаме на сметка повеќе од 4 милиони евра. Подобра финансиска состојба Куманово немало
никогаш. Реализиравме над 400 проекти. Можам само да кажам дека во следниот период ќе реализираме повеќе од 800 различни, но реално остварливи проекти. Ние покажавме дека реализираме проекти и ќе работиме за подобро, поубаво и почисто Куманово – рече Димитриевски.






Тој истакна дека Куманово е единствениот град во Македонија којшто се гасифицира за разлика од останатите, вклучително и Струмица.

– Ние имаме прво Јавно претпријатие каде дистрибуираме гас до сите јавни објекти. Последниот проект, зборуваме за гасификација на градската болница, којшто замислете е најголемиот загадувач во нашиот град, бидејќи користи мазут за загревање. Уште пред 3 години со министерот за здравство Филипче зборувавме и јавно вети гасификација на болницата. Ние го завршивме нашиот дел, испорачавме цевка, гас во болницата, уште со прст немаат мрднато. И затоа не можам да се сложам со одредени политики. Ние не дојдовме на позиција да даваме празни ветувања. Куманово се гасифицира многу поинтензивно во однос на останатите градови. Дури сме поуспешни и од државата на тој план. Даваме како општина субвенции од 250 евра за секој приклучок таму кадешто имаме инсталирано примарна секундарна мрежа. Изработивме проект за над 16 километри дополнителна гасификација на Куманово. И дефинитивно во вториот мандат ќе одиме со стратешки партнер со гасификација со сериозна фирма, дали тоа ќе биде по примерот на ЕВН или други светски компании да влезат во Куманово и да направиме целосна гасификација на градот бидејќи тоа е иднината. Мојот приоритет во следниот мандат нема да биде техничката работа на изведување улици, бидејќи, кога градоначалник ќе направи улица или канализација, тоа е составен дел на неговата работа. Јас тоа не го подразбирам како некое големо достигнување, всушност е развојот на економијата, подобрување на условите за инвестирање во Куманово ќе биде еден од моите главни приоритети – потенцираше Димитриевски.

Поврзани содржини