КРИМИНАЛИТЕТОТ ЗА ДВЕ ГОДИНИ СЕ НАМАЛИЛ ЗА 30% Најниско ниво во последниве 20 години
Имотниот криминал е намален за повеќе од 30%, а разбојништвата и разбојничките кражби за над 40%, што значи поголема сигурност за секое семејство и секоја локална заедница - се вели во објавата на МВР.
Криминалитетот во земјата е на најниско ниво во последните 20 години, а во изминатите две години е намален за 30%, објави Министерството за внатрешни работи.
– Денес криминалитетот во земјата е на најниско ниво во последните 20 години, а вкупниот криминалитет е намален за 30%. Истовремено, ја зголемивме ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители на 69%.
Во борбата против организираниот криминал сузбивме над 30 организирани криминални групи, а бројот на разбиени групи поврзани со корупција е зголемен за 50% – се вели во објавата на МВР на неговиот профил на Фејсбук.
Како што дополнуваат, во борбата против трговијата со дрога се откриени 1.600 кривични дела, пријавени околу 1.900 сторители, запленети 6,2 тони наркотична дрога, спречени девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300%.
– Паралелно со тоа, имотниот криминал е намален за повеќе од 30%, а разбојништвата и разбојничките кражби за над 40%, што значи поголема сигурност за секое семејство и секоја локална заедница – се дополнува во објавата.
