НА ПОВИДОК НОВА СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА Француската компанија „Euro-Tech Distribution“ ги разгледува можностите за инвестирање во земјава
Компанијата е специјализирана за развој, производство и дистрибуција на мали апарати и опрема за домаќинство.
Француската компанија „Euro-Tech Distribution“ ги разгледува можностите за инвестирање во земјава, информираа од Дирекцијата за ТИРЗ по денешната средба на директорот Гоце Димовски со претседници на компанијата и на белгиско-македонскиот бизнис клуб.
Како што соопштија од Дирекцијта за ТИРЗ, претставниците на компанијата како и на белгиско-македонскиот клуб покажале интерес за можностите што ги нуди Македонија како инвестициска дестинација и изразила подготвеност за понатамошна комуникација и размена на информации во насока на разгледување на конкретни можности за инвестирање и воспоставување натамошна соработка.
На средбата биле презентирани и можностите кои ги нудат технолошките индустриски развојни зони, како и поволната деловна клима во државата.
Директорот Димовски истакнал дека привлекувањето квалитетни странски инвестиции останува еден од клучните приоритети на ДТИРЗ, со фокус на проекти кои создаваат додадена вредност, отвораат нови работни места и придонесуваат за одржлив економски раст.
Тој нагласил дека целта е преку партнерски однос, ефикасни институции и стабилна и предвидлива деловна средина да се создадат услови за нови инвестиции со долгорочен позитивен ефект врз македонската економија.
Euro-Tech Distribution е француска компанија специјализирана за развој, производство и дистрибуција на мали апарати и опрема за домаќинство. Со повеќе од 25 години искуство, компанијата нуди широк асортиман на производи, вклучувајќи роботски правосмукалки, роботски чистачи за базени, кујнски апарати, грејни и разладни уреди, како и производи за лична нега.
Покрај развојот на сопствени производи, компанијата обезбедува и постпродажна поддршка и дистрибуција на европските пазари, со седиште во Бондју, Франција.