Крајот ќе дојде бргу
И повторно, по којзнае кој пат, морам да се навратам на Хана Арент и нејзината мисла којашто како да е срочена токму за нас, денес и овде: „Никогаш нашата иднина не била толку непредвидлива, никогаш не сме зависеле толку многу од политичките сили на кои не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес – сили што наликуваат на вистинско лудило“!
Од ден во ден, сѐ повеќе и во секој поглед, напредуваме на скалата на белосветската глупост, обезбедувајќи си примат што историјата долго ќе (ни) го памети. Не онаа „заедничката“, за којашто владините папагали така упорно гракаат подметнувајќи (ни) го и фашистот Михајлов во неа, туку онаа идна, онаа што останува да ја (до)пишуваат некои поумни и покомпетентни од актуелниот професорски „кадар“ и коекакви исторически комисии.
А во таа идна историја неизоставно ќе бидат нотирани сите манифестации на македонската глупост – централни и странични, целата наша понизност и неукост, сиот наш молк за најважните, судбинските прашања. Таа некоја идна историја ќе нѐ потсети и дека „културниот центар“ наречен со името на Хитлеровиот камарад – денес, среде Битола и Македонија – имаше многу свои почетоци/претходници во изминативе пет години, на коишто ние, повторно заради нашата ноторна глупост и бедно подаништво, молчевме „како залиени“.
Само еден од тие примери беше оној споменик на некаков бугарски („важен“) офицер крај Дојран, свечено откриен во август 2019-та (повторно) со присуство на тогашниот бугарски и македонски премиер. И не се сетивме дека тоа е само вовед во приказната што следи? Не, нели. Е па ова во Битола е средината, кулминацијата на заплетот, без оглед на промптниот процес на релативизација на чинот од многу страни. А и крајот се подготвува, ќе дојде бргу. Но и тогаш, како впрочем и во прологот и во средишниот дел, нештата ќе поминат со неколку пцовки и колумни, со сведната глава… а подоцна и со громогласни аплаузи. Во Софија. Како оние во Атина! Зошто ли на глупоста секогаш најгласно се аплаудира? И зошто ние молчиме кога другите аплаудираат? Дали во тоа е содржана суштината на македонскиот парадокс викан ЕУ интеграција?
И повторно, по којзнае кој пат, морам да се навратам на Хана Арент и нејзината мисла којашто како да е срочена токму за нас, денес и овде: „Никогаш нашата иднина не била толку непредвидлива, никогаш не сме зависеле толку многу од политичките сили на кои не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес – сили што наликуваат на вистинско лудило“! Токму затоа и говорам за крајот што ќе дојде бргу и, судејќи според увертирите, нема да биде убав. Зашто, извинете но ние со ваквото однесување – и тука најмалку мислам на македонските актуелни политичари на кои „не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес“ – реално и не можеме да стасаме далеку. Нашиот (евроинтегративен) пат како да е послан со минско поле за коешто ние немаме соодветна мапа со решение. Или – не сакаме да ја имаме? Бидејќи, ако никој не го бара решението, ако сите молчат дури и на вакви навреди и провокации од страна на здружената македонско-бугарска политика, тогаш што?
Да, звучи пресилно кога така ќе ги поставите актуелните нешта, но да имаше некое разумно објаснување за овој историски водвиљ во Битола од страна на некој од највисоките државни функционери – премиер, претседател на држава, претседател на собрание – тоа ќе се случеше неколку дена пред настанот преку соопштение за откажување на истиот. И извинување што воопшто нешто толку срамно се планирало. Односно, актуелните пост фестум „прогласи“ и „згрозувања“ на дел од државниот врв е само допишување на уште еден комедијантски чин во водвиљот. Како да сето тоа се одигрува(ло) во некоја друга држава, како да тие не биле на листата на главни актери во водвиљот, како да ги немале сите потребни инструменти – меѓу другото и механизмот за спуштање на завесата – со што ќе ја прекинеа претставата? Или тоа ќе беше – антиевропски потег, несвојствен за ЕУ демократиите? Извинете, но кога некој од актуелнава сељачана ќе излезе да говори за европски вредности, на нормален човек му се крева утробата!
Но, она што е интересно, а чинам и ја запрепастува власта во добра мера, е фактот што нејзините обиди за „извлекување“ од претставата во којашто самите влегоа наидува на осуда дури и од ним најверните папагали. Дури и тие ја препознаваат моралната ништожност на битолскиот водвиљ и улогата на власта во истиот без оглед на нејзините обиди да се претстави – по којзнае кој пат – дека таа всушност не е од овде! И тоа им создава големи грижи. Иако, кај нас секогаш има свежи релативизаторски сили подготвени веднаш да влетаат во играта: па што ви пречи тој В.М., па нели и тој е дел од историјата, па нели ова, па нели она… Такви секогаш сме имале, и ќе имаме. Впрочем, наближуваа и избори, таквите уште од сега си бараат место.
Но, дефинитивно, ние сме на крајниот крстопат на историјата во многу аспекти. И сите се важни, клучни, да не речам судбински. А централниот е: ќе веруваме во моќта на граѓанинот и неговото право да одлучува за својата судбина или ќе се препуштиме на немоќта, „судбината“ и калкулациите на македонскиот политикант од денешен сој? Но и тој епилог ќе го видиме, бргу!
Извор: Теодосиевски уметност