Ковид-болницата „Мала Богородица“ топ спремна, Филипче доцни со дозволите за работа (ГАЛЕРИЈА)
Сѐ уште не е дадена дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите, ниту пак Министерството за здравство ги избрало двајцата доктори кои треба да го управуваат овој ковид-центар, а и Фондот за здравствено осигурување не понудил Договор за соработка.
Просториите на поранешната болница „Мала Богородица“ се во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар, но Министерството за здравство сѐ уште не им издало дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ информира дека по постигнатиот устен договор со министерот за здравство Венко Филипче, веднаш почнала да го опремува овој капацитет и да го адаптира во ковид-центар, на сопствен трошок. Оттаму велат дека во овој момент капацитетите може да се стават во функција, но за да се реализира оваа благородна иницијатива останува Министерството за здравство да си ги заврши преземените обврски.
Министерството сѐ уште не им издало дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар.
По прогласувањето на кризната состојба, на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Филипче беше одржана средба со претставници на трите приватни клиники во земјава, кои одговорија позитивно на барањето да се најде решение за дополнителни капацитети со овозможени услови, кадар, опрема и лекови за згрижување и лекување поголем број пациенти со ковид -19. На разговорите беше прифатен предлогот на „Аџибадем Систина“ објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ да се користи како нов ковид-центар и да се опреми со 100 кревети. Беше договорено Министерството да координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет, кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОРСМ.
– Се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите. Се очекува Министерството за здравство да каже кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар, а Фондот за здравствено осигурување да го понуди Договорот за соработка – велат од „Аџибадем Систина“.
По исполнување на овие договорени заемни обврски и по проценката на Министерството за здравство дека им се потребни дополнителни капацитети, „Аџибадем Систина“ е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот, нагласуваат од болницата.
Фотографии од внатрешноста на новата ковид болница
Пред една недела беше најавено дека се очекува веќе во понеделник, односно денеска оваа нова болница да ги прими првите пациенти болни од ковид-19. Но, поради доцнењето на дозволите засега не се знае за колку денови ќе се одложи почетокот со работа на овој нов ковид-центар. Во услови кога сите болници се под страшен притисок од пациенти и кога се бара кревет повеќе, не се јасни причините за ненавременото исполнување на обврските на Министерството.
Приватните болници прифатија Фондот за здравство дневно да префрла по 6.000 денари на нивна сметка. Првичните проценки се дека целиот влог ќе ги чини приватните болници од 550.000 до 600.000 евра.
Во новата болница ќе се лекуваат само пациенти со лесна и со средна клиничка слика, додека, пак, пациентите со тешка клиничка слика ќе бидат испраќани на лекување во ГОБ „8 Септември“.