Ковид-19 и роботизацијата загрозуваат десетина милиони работни места
Поради тоа повеќе од 20 отсто од работната сила ќе биде приморана на доедукација и стекнување нови вештини и преквалификација
До 2030 година во Европската унија околу 53 милиони работни места ќе бидат роботизирани, но овој процес би можело да забрза поради пандемијата од вирусот ковид – 19.
Поради тоа повеќе од 20 отсто од работната сила ќе биде приморана на доедукација и стекнување нови вештини и преквалификација, се вели во студијата од истражувањето на институтот „Мекинси“ за иднината во работењето во Европа и влијанието на коронавирусот како и автоматизацијата на вработеноста во ЕУ.
Во извештајот се наведува дека речиси 59 милиони лица во ЕУ, односно 26 отсто од вкупниот број на вработени, би можело за краток рок да се соочат со економските последици од пандемијата и рестриктивните мерки – намалување на работните саати и плати, или со привремено или постојано прекинување на работниот однос.
Кризата со ковид-19 имаше силно влијание врз пазарите на труд во ЕУ, но пандемијата не е единствената причина за промена и обликување на иднината на работата во Европа. Работните места кои се загрозени поради пандемијата на коронавирусот, како и автоматизацијата, се разликуваат по сектори, но најголем број работни места кои се под ризик се во три области – трговија, производство и угостителство.
Бројот на европско работоспособно население ќе биде намален за околу 13,5 милиони, односно за околу четири проценти до крајот на деценијата, а падот особено ќе биде изразен во Германија со околу четири милиони и Италија со околу 2,5 милиони помалку. Автоматизацијата и замрзнувањето на поодделни економски активности, кои ќе се одвиваат со различна брзина, ќе доведе до намалување на бројот на работни места и ќе го забрза процесот на создавање нови професии.
Наведено е дека околу 50 проценти од Европејците живеат во стабилни економии кои привлекуваат нови жители, дека европските области што сочинуваат дом на околу 30 проценти од Европејците се соочуваат со опаѓање на работоспособното население заради имиграцијата или стареењето, а останатите 20 проценти се со динамичен раст и најголем БДП по глава на жител.
Бројот на работоспособно европско население што живее и работи во друга европска земја се зголеми двојно од 2003 до 2018 година од околу осум на 16 милиони, се додава во извештајот.