Ковачевски, Ахмети и Мицкоски, седнете веднаш на маса и договорете се да ја спуштите топката!
Господо, баталете ги партиските соопштенија, тие ионака само ги зголемуваат нервозата и стравот на луѓето дека ве водат страста и стихијата, наместо одговорноста и интересите на Македонија. И нека не ве лаже умот - работ на бездната секогаш е многу поблиску отколку што ви се чини. Ако некогаш сте помислиле дека ви е потребен искрен разговор со добра мисла за Македонија, сега е време за тоа!
Одлучното „не“ на премиерот Димитар Ковачевски на францускиот предлог требаше да предизвика стабилизација на домашната политичка сцена, но наместо тоа, еве, гледаме нови тензии и жестока вербална војна меѓу клучните политички актери.
Вчерашната тепачка во Собранието, во која во главна ролја беа пратениците Арбер Адеми и Антонио Милошоски, е само последниот во низата инциденти во парламентот, кои беа прочитани како симптом на една многу сериозна и подлабока политичка криза на повидок.
Таа криза е поврзана со проблемите на Македонија на меѓународен план. И тој факт ја усложнува и ја прави уште поопасна.
При тоа, редно е отворено да кажеме дека во дел од јавноста се засилува и екстремно вознемирувачката перцепција дека политичарите Албанците се тие што ја „продаваат“ Македонија и во спорот со Бугарија ја држат страната на Софија. Не велам дека тоа е така, но таа приказна се шири како вирус и тоа е факт пред кој не смееме да ги затвораме очите.
Обвинувањата на сметка на „хистеризираната јавност“ и за наводните „хибридни напади“ се контрапродуктивни. Не очекував премиерот Димитар Ковачевски нетактички да заигра на таа изветвена карта, особено по неговата успешна партија во Брисел.
И секако, не очекував министерот за надворешни работи Бујар Османи, во една испровоцирана Фејсбук пресметката со својот претходник Никола Димитров, онака брутално да открие две клучни слаби точки на македонската преговарачка позиција, наследени уште од времето на Заевата влада – согласноста Илинденското востание да се преименува во „Илинден Преображение“ и обврската до 2019 година да се најде решение за Гоце Делчев.
Да, убаво е да се знае вистината. Дури и кога е непријатна. Но, Ковачевски и Османи како да заборавиле дека владата што ја предводат е влада на континуитет, дека е составена од истите партнери и е поддржана од истото парламентарно мнозинство. Ова непримерно разголување на старите ујдурми зборува за постоење една експлозивна нервоза во владата, а можеби и за зголемени притисоци за прифаќање на бугарско-францускиот предлог по секоја цена.
Во секој случај, разочарува начинот на кој партиските лидери се обидуваат да се справат со битките и на внатрешно-политички план. Погледнете ги само партиските соопштенија за вчерашниот инцидент.
Дел од коминикето на ДУИ:
„Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем“.
Дел од соопштението на СДСМ:
„Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а денеска дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка. Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем“.
Гледате ли вие некаква разлика? Јас не гледам. Како ист човек да ги пишувал двете соопштенија. Иста пропагандна реторика. Неверојатно…
И ВМРО-ДПМНЕ не заостанува со обвинувањата. Еве дел од соопштението на оваа партија:
„Насилие, физичка пресметка, недоличен речник, е вистинската слика за криминалната власт на СДСМ И на ДУИ. На лудилото на власта ѝ нема крај. Граѓаните денес беа сведоци на вистинското лице на насилниците на ДУИ И СДСМ како физички нападнаа свои колеги мавајќи со чаши по нив. Наместо СДСМ да го осуди ваквото насилничко однесување на Арбер Адеми, застана во одбрана на насилството и го поддржа ваквото скандалозно однесување“.
Сите овие тешки думи поради една страшна глупост на Арбер Адеми, изнервиран од провокацијата на Милошоски?
Во иста вечер и пресметка на Осман и со Димитров?
Обична коинциденција?
Простете, не верувам во тоа.
Имам впечаток дека нервозата предизвикана од проблемите на Македонија на меѓународен план Димитар Ковачевски, Али Ахмети, а во извесна смисла и Христијан Мицкоски, прилично неодговорно ја лечат дома. Првите двајца во обид да изградат цврста позиција кон притисокот на опозицијата за предвремени парламентарни избори, третиот со намера да создаде впечаток дека владата само што не паднала сама од себе, како презреана крушка.
Погрешни се тие проценки, господо. Обете.
И дефинитивно е опасна таа стратегија за подигање на тензиите на домашната политичка сцена.
Овој пат влогот е премногу голем за некој да си дозволи да игра камај во сопствениот двор.
Да биде јасно – ако пламне, Македонија ќе пламне поради две причини.
Првата причина се влошените односи со Бугарија и непринципиелните притисоци од меѓународниот фактор Македонија да попушти таму каде што не смее. Не знам дали Ковачевски, Ахмети и Мицкоски можат долго да поднесат некој да им ги витка рацете (а тоа се случува), но мора да им биде совршено јасно дека Македонија нема да може мирно да поднесе таков национален пораз и такво предавство.
Не заборавајте, три војни се водени ова парче земја да биде дел од Бугарија!
И нема во тоа, господо, ништо нејасно и ништо хибридно – ако некој наумил да се предаде и да ја предаде Македонија, овде има да гори! И кој знае кој и колку ќе изгорат…
Јас сега зборувам само за политиката и се изразувам метафорично, но не сум баш сигурен дека работата ќе остане само на зборовите во нивното преносно значење.
Втората причина се односите меѓу Македонците и Албанците. Зачестените инциденти во парламентот и воинствената реторика во јавноста за мене секогаш се сериозна опомена дека нешто мора итно да се преземе. Повозрасните меѓу нас имаат меморија и трауми од 2001 година, но и од периодот пред и после таа валкана меѓуетничка војна.
Ако кон тоа се додаде и опасниот наратив што го спомнав, дека Албанците се тие што ја „продаваат“ Македонија и ја крепат бугарската позиција, ете причина веднаш да се вклучи алармот.
Господа Ковачевски, Ахмети и Мицкоски, баталете ги партиските соопштенија, тие ионака само ги зголемуваат нервозата и стравот на луѓето дека ве водат страста и стихијата, наместо одговорноста и интересите на Македонија.
Итно закажете средба и обидете се да ги вратите мирот и спокојството. Тоа им го должите на граѓаните на оваа напатена земја. Најмалку тоа.
И нека не ве лаже умот – работ на бездната секогаш е многу поблиску отколку што ви се чини.