КОНЦЕСИЈАТА ЗА ИЛОВИЦА ИСПАДНА ПОЛИТИЧКО СИРАЧЕ Ниедна партија не ја „признава“ за своја

Концесиите за Иловица се дадени од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во 2012 година, тврди СДСМ и потсетува дека „од прв ден е против“, на што ВМРО-ДПМНЕ одговара дека таа е доделена во 2006 година кога на власт биле СДСМ и ДУИ.

296

Концесиите за рудникот Иловица се дадени во 2012 и 2013 година од страна на Влада на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Христијан Мицкоски му беше советник. Одлуката е донесена на 16 јуни 2012 година, потпишана од соработникот на Мицкоски, Зоран Ставревски и објавена во Службен весник истиот месец 2012 година – тврди СДСМ.

„И општините во тоа време раководени од градоначалници од ДПМНЕ, Општина Босилово и Општина Ново Село носат одлуки за отворање на рудник.






Денеска кога Мицкоски зборува нешто различно, прво лаже, а второ тоа е врв на лицемерие.

Заради тие одлуки на ДПМНЕ државата е сега ставена во судски лавиринти со години.

СДСМ од прв ден бил против тие рудници. Кога лично шефот на Мицкоски, Никола Груевски во 2016 година најавуваше отворање на 10 рудници во југоисточниот регион, СДСМ беше против“ – потсетува СДСМ.

На ова ВМРО-ДПМНЕ реплицираше со констатација дека „очајнички бранејќи го Али и Бектеши, пиунот Ковачевски се заплетка во сопствената лага – концесиите за рудници во струмичкиот регион се од 2006 година во време на ДУИ и СДС“.

„Димитар Ковачевски во обид да го одбрани министерот за економија, Крешник Бектеши за концесиите за рудник во струмичко се заплетка во сопствената лага.

Без никаков срам се со цел да му слугува на Ахмети, пиунот Ковачевски ја излажа јавнота. Според јавните документи, концесиите за рудниците во струмичко се дадени во 2006 година, во време кога власта беше во рацете на СДС и ДУИ.

Но и покрај тоа Ковачевски дрско обвинува други, иако со еден потпис може да ја поништи одлуката за доброто на граѓаните од струмичкиот регион.

Додека Ковачевски обвинува други, треба веднаш да го разреши Крешник Бектеши или пак да ги разреши изманипулираните министри кои гласале одлука за која наводно не знаеле.

Уште еден криминален бизнис на ДУИ кои сакаа да го протнат на мала врата, на штета на граѓаните и државата.

Повторно го прашуваме Димитар Ковачевски, дали знае која фирма е дел од концесијата за рудниците во струмичко, а е блиска до Али Ахмети и ДУИ, и дали целата оваа операција е полнење на џебовите на кланот од Зајас?

И на ДУИ и на СДС едно да им биде јасно, рудници во струмичкиот регион на штета на здравјето на граѓаните и на штета на државата нема да има.

Како што ги споија концесиите, така нека ја поништат одлуката на седница на влада“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини