„КОЛКУ НОВИНАРИ ИМААТ ДОЗВОЛА ЗА ОРУЖЈЕ И ГО НОСАТ НА РИЗИЧНИ НАСТАНИ?“ Стоилковски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да брани напади врз полицајци од кого и да се
Тоа што СДСМ, ДУИ и останатите нивни полуги го прават со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу претставува една грда и црна кампања, но и хајка која што е дел од едно поголемо сценарио кое што треба да биде замена за немањето програма на овие избори и да се прикрие нивната акутна неспособност која граѓаните ја знаат и ја чувствуваат, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
– Фуркан Салиу не е приведен затоа што е Албанец или Македонец, затоа што е православен или муслиман, затоа што е новинар или работник, затоа што е од ДУИ, од СДСМ или пак нема политичка партија. Приведен е затоа што попречил и нападнал службени лица од Министерството за внатрешни работи и незаконски чувал огнено оружје во својот автомобил со наполнета рамка куршуми. Прашањето овој пат не е дали тој имал дозвола за огнено оружје, туку фактот што, според информациите од МВР, незаконски го носел со наполнета рамка во своето возило, што е во целосна спротивност со законот. Впрочем и самиот Фуркан Салиу вчера јавно призна дека поседувал оружје, и дека со своето однесување придонел за ескалација на настаните – рече Стоилковски.
Тој додаде дека секој треба да се запраша како ќе поминел кој било друг граѓанин кој што ќе нападнел полицаец и кој што немало да се повика на „хистеријата креирана од ДУИ и СДСМ“.
– Јас, Наум Стоилковски, 30 години работев во новинарската фела, и јавно прашувам колку новинари, мои колеги имаат дозвола за оружје, и незаконски го носат на настани каде што има висока тензија и ризик – рече Стоилковски.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ прва побарала да се почитуваат сите права и слободи на новинарите и сите институции тоа да го земат предвид. Но дека партијата нема намера ниту да оправдува, ниту да брани случај во кој се нападнати полицајци.
– Ако се збори пак за некакви задни намери, тогаш објективно овој инцидент најмалку му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и самата хистерија на оваа тема говори дека СДСМ одработува поголемо сценарио за да го сврти вниманието во кампањата од реалните теми, а тоа е како да го направи животот на граѓаните подобар и да се смени неспособната и криминална власт – додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.