КОИ ИНВЕСТИТОРИ ЌЕ СЕ ПРЕСЕЛАТ ОД УКРАИНА КАЈ НАС? Преговорите се во тек, а се бараат и празни погони
Имињата на компаниите со кои во моментот се преговара ќе ги објавиме веднаш по постигнување на договорите, а со цел заштита на деловните процеси и информации на самите клиенти, велат од Дирекцијата за ТИРЗ.
Дирекцијата за ТИРЗ веќе оствари контакти со неколку компании кои имаат дејност во Украина и би имале интерес за отворање капацитети во земјава. Имињата на компаниите со кои во моментот се преговара ќе ги објавиме веднаш по постигнување на договорите, а со цел заштита на деловните процеси и информации на самите клиенти. Ова за Плусинфо го изјавија од Дирекцијата како одговор на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека побарал градоначалниците да ги повикаат инвеститорите кои ја напуштаат Украина да вложуваат во земјава.
– Станува збор за компании кои остваруваат производство и во РС Македонија и кои, согласно разговорите, високо ја оценуваат деловната клима и политиката и пристапот на ТИРЗ кон поттикнување на вложувањата – велат од Дирекцијата за ТИРЗ.
Оттаму тврдат и дека веќе се бараат локации на готови погони за тоа.
– Моментално сме активно ангажирани на изнаоѓање локации и готови просторни решенија за трансфер на дел од опремата, а (на рок од 6-9 месеци) изнаоѓање и на постојано решение за производство. Наша цел е да обезбедиме итна поддршка за овие компании, со искрена намера и цел да се помогне на Украина и граѓаните на оваа земја во справување со агресијата со која се соочуваат, а која РС Македонија целосно ја осуди – велат од Дирекцијата.
Во следните недели, додаваат оттаму, ТИРЗ ќе започне и нов проект за поттикнување на вложувања.
– Проектот е насочен кон потенцијални инвеститори од Европа, каде очекуваме дополнителен интерес од компании со свои операции во Украина и во Русија – велат од Дирекцијата за ТИРЗ.
Голем број компании од автомобилската индустрија во Европа привремено ги затворија погоните во Украина поради војната. Дел од нив затворија и погони во сопствените земји поради недостиг на компоненти кои се произведуваат во Украина, а дел го намалија производството.
– Проблемот со автомобилската индустрија во Европа, директно ќе се одрази и на работата на македонската автомобилска индустрија – изјави вчера Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава.
Шест од странските компании, кои имаат производствени процеси во земјава, имаат и во Украина и сите тие на еден или друг начин се афектирани од војната. Германски, американски и јапонски компании од автомобилскиот сектор вработуваат над 60.000 луѓе во Украина и претежно произведуваат кабли, навлаки за седишта и електроника. Повеќето од компаниите се трудоинтензивни, а нивните производи се интегрален и важен дел од европскиот ланец на добавувачи.