КОГА ПРАВДАТА Е ВО ПРАШАЊЕ, ВМРО-ДПМНЕ Е НЕРВОЗНА Еве со какви ставови излегоа најголемите партии по инцидентот
Демократската Унија за Интеграција најостро го осудува насилството што денес на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието го извршија пратениците на ВМРО ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците.
После денешниот инцидент во собранието со свои ставови излегоа партиите од власта, но и од опозицијата.
„Насилие, физичка пресметка, недоличен речник е вистинската слика за криминалната власт на СДСМ И ДУИ. На лудилото на власта и нема крај“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по денешниот инцидент во Собранието и физичката пресметка меѓу Арбр Адеми и пратениците од опозицијата.
Еве го во целост соопштението од ВМРО-ДПМНЕ:
„Граѓаните денес беа сведоци на вистинското лице на насилниците на ДУИ И СДСМ како физички нападнаа свои колеги мавајќи со чаши по нив. Наместо СДСМ да го осуди ваквото насилничко однесување на Арбер Адеми застана во одбрана на насилството и го поддржа ваквото скандалозно однесување. СДСМ И ДУИ денес во Собранието демонстрираа сила и предизвикаа инцидент за да се дефокусира јавноста од она што тајно денес го реализираат. Неспособната власт сака да ја дефокусира јавноста од тајните преговори кои денес се водат во Софија за предавствата на Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ. Ваквите мрачни сценарија нема да им поминат. Премногу е!“, велат од опозициската партија.
Демократската Унија за Интеграција најостро го осудува насилството што денес на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието го извршија пратениците на ВМРО ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците.
– Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем. Денес на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО ДПМНЕ и другите опозициски партии употребуваат насилство за да ја блокираат работата на Комисијата и тоа токму пратеници кои се под истрага поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата – велат од ДУИ.
„Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а денеска дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка“, реагираат од Социјалдемократскиот сојуз по денешниот тежок инцидент во Собранието, каде претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми се пресметуваше со опозициските пратеници.
Еве го во целост соопштението од СДСМ:
„Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем. Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети. Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. Бадијала се прават тензии, секој што се огрешил од законот ќе одговара!“, велат од владејачката партија.