КОЈ ПУКАШЕ СО ПИШТОЛ НА МИТИНГ НА ДУИ МВР отвори истрага, Алијанса за Албанците бара да се казни организаторот
Партијата на Зијадин Села побара одговорност и од организаторите на собирот поради опасноста што им се закануваше на граѓаните од истреланите куршуми во воздух.
Министерството за внатрешни работи постапува за расчистување на инцидентот што се случи на отворањето на изборниот штаб на ДУИ во Чаир кога со пиштол било пукано пред присутните граѓани во знак на поддршка на говорниците на митингот, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР за Плусинфо.
На собирот присуствувал и првиот вицепремиер Артан Груби, но тој денеска не одговараше на нашите телефонски повици. На отворањето на изборниот штаб гости биле и актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат во Чаир Висар Ганиу и пратеникот, потпретседател на ДУИ и ексградоначалник на општината, Изет Меџити.
Со пиштол било пукано, а тоа може да се види и од видео снимката подолу, кога пред присутните се појавил пратеникот Меџити.
Откако во медиумите беше објавено видеото од настанот, Алијанса за Албанците, побара Обвинителството веднаш да почне истрага за сторено кривично дело- употреба на недозволено оружје на јавни настани.
– Оружјето симболизира смрт и токму отворањето на штабот со истрели од огнено оружје од страната на милитантите на ДУИ, зборува за начинот на кој што оваа партија стреми кон победа, со закани, притисоци, манипулации и влевање на страв -велат од Алијанса за Албанците.
Партијата на Зијадин Села побара одговорност и од организаторите на собирот поради опасноста што им се закануваше на граѓаните од истреланите куршуми во воздух.
– За жал, досегашната практика покажува дека сме имале многу други случаи ранети или пак загинати и од слепи куршуми, затоа не смееме да дозволиме вакви инциденти да се повторуваат и да поминат не казнети – велат од Алијанса за Албанците.