КОЈ ИМ ДАДЕ ПРЕЗИМЕ НА СКИ НА КОМИТИТЕ? Новиот споменик на војводата Скочивирчето ги налути Бугарите

Случајот ќе биде пријавен во полиција и ќе се бара докрај да се истражи кој им ги менува историските факти на спомениците кои сведочат за настани дури од 1904 година, вели Добре Митрев, претседател на Здружението на Македонско-бугарското пријателство.

8,471

Отстранувањето на споменикот на прилепскиот војвода Велко Скочивирчето и неговите комити од дворот на црквата „Св. Архангел Михаил“ во прилепското село Клепач и поставувањето нов споменик со изменет текст и изменети имиња на комитите е злосторнички чин врз историската вистина, реагира Добре Митрев, претседател на Здружението на Македонско-бугарското пријателство откако денеска бугарското Министерството за надворешни работи реагираше со протестна нота до Скопје.

Реакцијата од бугарска страна поради, како што тврдат, осквернавениот споменик му беше врачена на привремениот шеф на македонската амбасада, Владимир Крстевски во Софија. Случајот, како што се наведува го открила бугарската дипломатска мисија во Скопје која дознала дека во дворот на црквата во село Клепач, Прилепско, е заменет споменикот во чест на војводата Велко Скочивирчето и осум негови комити кои загинале во битка со османлиските трупи во 1904 година. На новиот споменик се содржани, како што тврди Митрев, изменети и невистинити историски факти.







Новата плоча

Тој тврди дека ова не е прв случај на осквернавен споменик и дека на мета на вандали биле и неколку други споменици кои сведочат за историски настани од пред 1945 година.

– Дали некој се прашал зошто е оваа омраза, кои се тие сили што ставаат сè на нож, зошто провоцираат со целосно изменети податоци. Ако на споменикот пишува бугарска егзархија, го бришат. Зошто не можат да сфатат и да прифатат дека ако некој е Бугарин може да биде доброчинител. И јас плаќам данок овде и ова е моја матична држава – изјави Митрев за Плусинфо.

Тој најави дека случајот, како претседател на здружението ќе го пријави во полиција и ќе бара докрај да се истражи кој им ги менува, како што вели, историските факти, на спомениците кои сведочат за настани дури од 1904 година. На споменикот на војводата во Прилепско, реагира Митрев, се сменети презимињата од автентичниот текст на некои од загинатите комити.


Старата плоча

– Кажете ми во 1904 година имало ли презимиња на ски? Зошто не го сочувале автентичниот лик на споменикот? Зошто не можат да сфатат дека тој споменик можеби сведочи за борбата на мојот, но можеби и на вашиот дедо – рече Митрев.

Случајот со споменикот на Скочивирчето, вели Митрев нè тера да го поставиме прашањето: на ваков ли начин се менуваше и етничката припадност на другите македонски револуционери во минатото?

– Во 21 век е недопустливо да се сквернави сеќавањето на овие луѓе што загинале во борбата за слобода на поробена Македонија. До кога ќе живееме во лаги, господа од власта? На ваков ли начин ли РС Македонија планира да ги реши отворените прашања со Бугарија? Историјата не треба да ни ја попречува европската иднина, велат претставниците на официјалната власт во Скопје, но сакаме да прашаме, на која точно историја мислат, таа што ја отстрануваат и ретушираат по нивен терк или на онаа вистинската, во која своето име го забележале Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев и уште многу други – вели Митрев, кој најави дека ќе инсистира до крај да се расчисти овој, но и сите други вандализми на историските факти.

Со отворено писмо до премиерот Зоран Заев, министерот Оливер Спасовски, обвинителот Љубомир Јовески во врска со променувањето на спомен обележјето во село Клепач, Прилепско, денеска реагира и Петар Колев, претседател на политичката партија Граѓанско-демократската унија (ГДУ). Тој бара да се казнат сторителите на вандалскиот чин, а стариот споменик да се врати на местото каде што стоел со години.

– Искрено се надевам дека ја сфаќате сериозноста и последиците од овој (најнов) чин на варварство, мотивиран од омраза. Верувам дека сте свесни оти времето за вербални заложби за еднаквост, општество за сите и слично, одамна помина и сега се потребни дела, а не зборови. Досегашната рамнодушност на институциите и континуираната стигматизација кон одредени граѓани на земјава само ги мотивира насилниците да ја манифестираат својата деструктивност, знаејќи дека таквото поведение нема да биде санкционирано. Моето обраќање до вас е мотивирано од надежта дека конечно институциите на системот ќе проработат и во најскоро време сторителите ќе бидат исправени пред лицето на правдата, а спомен обележјето вратено таму каде што му е местото – вели Колев од ГДУ.

Поврзани содржини