Кој е новиот противник на Путин: Или ќе бидам затвореник или пратеник!
По сите параметри, Јунеман е анти-естаблишмент кандидат, активист кој ќе се бори за зелените паркови да не бидат заѕидани со згради, за изградба на новата болница и на новото метро во Чертаново. Дури 20 отсто од луѓето во овој дел на Москва веќе му ја даваат поддршката, додека поддршката за Единствена Русија на Путин опаднала од 60 на 30 отсто.
Ако треба ќе замине и во затвор, само за да му пркоси на Путин како пратеник во руската Дума, а има само 26 години. Така се опишува себеси Роман Јунеман, кој според многу аналитичари е новата закана за Путин по затворањето на Навални и големите протести во земјата. Младиот Казахстанец со германско потекло е „демократски националист“, а ќе се кандидира во предградието Чертаново во Москва, каде што лани за малку ќе победеше на локалните избори, пренесува Блиц.
– Или ќе бидам затвореник или пратеник – вели тој за „Москов тајмс“ и додава: Понекогаш се прашувам зошто влегов во сето ова.
Роман не е единствен независен кандидат за пратеник во Думата. Такви излегоа неколкумина охрабрени по протестите на опозицијата. Но, сепак тој чувствува возбуда и непријатност три месеци пред изборите. Откако рејтингот на Единствена Русија на Путин падна од 60 на само 30 отсто во Чертаново, Јунеман и другите опозиционери се веќе мета на напади на медиумите.
– Одењето на овие избори е како да скокате во базен од голема висина. Нема да умрете, барем шансите не се големи, но сепак сте исплашени бидејќи сè може да тргне наопаку – заклучува Јунеман.
Од Казахстан до Москва
Јунеман има прилично интересна животна патека. Роден е во 1995 година во Казахстан, во германско семејство од Волга. Оваа етничка заедница се населила во времето на руските цареви, но била преместена во Казахстан за време на владеењето на Сталин.
Сепак, Јунеман, кој завршил студии по економија во Москва и чиј мајчин јазик е руски, се гледа себеси како руски патриот.
– Додека растев во Казахстан, сфатив дека Казахстанците кои зборуваа руски јазик беа илјада пати поблиску до мене отколку оние кои зборуваа казахстански јазик. Според мене, секој што ги негува рускиот јазик и култура е Русин или ќе стане со текот на времето – вели тој.
Јунеман го напуштил Казахстан на 18-годишна возраст за да студира на престижна програма за економија на Московскиот универзитет. Се сместил во Чертаново, работничко предградие на југот на руската престолнина.
Безвизен режим меѓу Русија и ЕУ
На само 24 години Јунеман решил да се кандидира за градоначалник на Чертаново. Изгубил за само 84 гласа, но решил да не се откажува. Направил некаков баланс меѓу идејата за империјалистичка Русија, и прогресивните идеи како онаа за безвизен режим со ЕУ.
Додека на митинзи тој го вее знамето на царска Русија и кажува дека ќе ја намали миграцијата на луѓе од централна Азија во земјата, Јунеман сепак одржува добар контакт со локалните муслимани. Некои од нив дури учествуваат и во неговата кампања.
По сите параметри, Јунеман е анти-естаблишмент кандидат, активист кој ќе се бори за зелените паркови да не бидат заѕидани со згради, за изградба на новата болница и на новото метро во Чертаново. Дури 20 отсто од луѓето во овој дел на Москва веќе му ја даваат поддршката, што значи дека тој има добри шанси да собере 15.000 потписи за да влезе во долниот дом на Думата.