КОЈ ЌЕ МИНИСТЕРУВА ВО НОВАТА ВЛАДА? Во ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ги утврдат кандидатите за министри од коалицијата Твоја Македонија
Предлогот за нова влада треба да биде доставен во Собранието во вторник, на 18 јуни, а изборот е најавен за следниот викенд.
ВМРО-ДПМНЕ денеска на седници на Извршниот и на Централниот комитет треба да ги утврди кандидатите за министри во новата влада од коалицијата Твоја Македонија предводена од партијата на мандатарот Христијан Мицкоски.
Предлогот за нова влада треба да биде доставен во Собранието во вторник, на 18 јуни, а изборот е најавен за следниот викенд. Новата влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот.
Според законските измени усвоени во Собранието, во новата влада ќе има 20 министерства, наместо досегашните 16 и во неа ќе партиципираат претставници на коалицијата Твоја Македонија, на коалицијата Вреди и од партијата ЗНАМ.
Мандатарот Христијан Мицкоски потврди дека опозиција ќе бидат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, коалицијата Европска иднина предводена од СДСМ и политичката партија Левица.
Нови се Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за спорт, Министерство за дигитална трансформација и Министерство за европски прашања кое досега беше на ниво на секретаријат.
Надлежностите/секторите на некои министерства се пренесуваат во други, така во новата влада ќе има Министерство за економија и труд, Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерство за култура и туризам.
Од она што е познато досега, коалицијата Твоја Македонија објави дека ќе ги предводи ресорите МВР, МНР, одбрана, финансии, транспорт и врски, образование, култура, земјоделство, енергетика, локална самоуправа и политички систем.
Неофицијално, за министри, покрај потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, Тимчо Муцунски, Владо Мисјаловски и Гордана Димитровска Кочовска, се подготвуваат и Панче Тошковски, Сања Божиновска, Весна Јаневска, Стефан Андоновски, Цветан Трипуновски, Зоран Љутков и Борко Ристовски.
Иако во јавноста веќе се спомнуваат конкретни имиња за одредени ресори, официјални предлози за министри засега соопштија Беса, ЗНАМ и Алтернатива кои беа утврдени од нивните партиски тела.
Собранието на партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата Вреди, за членови во новата Влада да ги кандидира Фатмир Лимани за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд и Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.
Алтернатива го предложи Орхан Муртезани како кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменичка на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците. Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.
Од другите партнери во коалицијата Вреди, според изјави во медиуми, извесно е дека лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари е кандидат за министер за здравство.
На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата. Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев кандидат за министер за јавна администрација. Од ЗНАМ соопштија дека преговараат и за две заменички министерски места, но ресорите не се дефинирани, а од нивните редови е еден од тројцата потпретседатели на Собранието,пратеничката Весна Бендевска.
Новата влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот за формирање на Владата.