КОЈ Е КРУМ ЕФРЕМОВ, НОВИОТ МАКЕДОНСКИ АМБАСАДОР ВО СОФИЈА? Од скривниците во Киев до најжешката македонска амбасадорска фотелја
Ефремов е кариерен дипломат со искуство и надвор од традиционалната европска агенда. Не се сеќаваме на негови позначајни јавни оценки за внесувањето на Бугарите во Уставот, францускиот предлог, преговарачката рамка со ЕУ, македонскиот јазик, Гоце Делчев, историската комисија или за обвинувањата од Софија за положбата на македонските Бугари. Тоа не значи дека Ефремов нема ставови за овие прашања, туку дека не ги претворал во предмет на јавна политичка полемика.
Крум Ефремов, кариерен дипломат, економист, универзитетски професор и поранешен амбасадор во Украина, ќе биде новиот македонски амбасадор во Софија. Станува збор за едно од најчувствителните места во македонската дипломатска мрежа, поради спорот со Бугарија и блокираниот пат на Македонија кон ЕУ. Ефремов, сепак, во Софија не оди со багаж од остри јавни изјави и полемики со бугарските политичари. Напротив, во неговата долга кариера тешко може да се најде политичка оценка за најжешките прашања меѓу двете земји.
Ефремов е роден на 28 август 1970 година и е доктор на економски науки. Професионалниот пат го почнал далеку од класичната политичка дипломатија – во меѓународната трговија и економските интеграции. Од 1999 до 2003 година бил секретар и член на македонската експертска група во процесот за прием на Македонија во Светската трговска организација. Во 2003 година посетувал и специјализиран курс за трговска политика на СТО во Женева.
Од 2004 до 2008 година бил државен советник за трговија, европска интеграција и меѓународна соработка во Министерството за економија. Една од неговите најважни задачи доаѓа во 2005 година, кога станува главен македонски преговарач за изменување и пристапување кон ЦЕФТА 2006. Во таа улога останува до 2007 година, а претходно и паралелно претседавал со Работната група за трговија на Пактот за стабилност.
Врски со Бугарија од периодот на добрите односи со Македонија
Врската на Ефремов со Бугарија, според тоа, не почнува со неговото сегашно назначување. Од 2002 до 2014 година бил член на мешовитите комитети за спроведување на договорите за слободна трговија на Македонија со повеќе земји, меѓу кои и Бугарија. Со бугарските институции професионално се среќавал уште пред повеќе од две децении, но тогаш темите биле царини, трговија, пазари и економска интеграција, а не Гоце Делчев, историјата и идентитетските спорови.
Во 2009 година преминува во Министерството за надворешни работи како директор за економска дипломатија, функција што ја извршувал до 2013 година. Од 2014 до 2019 година бил специјален советник на министерот за надворешни работи, а од 2012 до 2019 година и заменик-национален координатор за соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. По враќањето од амбасадорската должност во Украина, во 2023 година повторно станува специјален советник и вршител на должноста национален координатор за механизмот Кина–ЦИЕ.
Кина е една од темите што најдолго се провлекуваат низ неговата професионална биографија. Од 2004 до 2009 година бил претседател на мешовитиот комитет за економска соработка со Кина, а подоцна со години работел на механизмот за соработка на Пекинг со земјите од Централна и Источна Европа. Тоа го прави дипломат со искуство и надвор од традиционалната европска агенда.
Ефремов има и академска кариера. Од 2010 година е ангажиран на Универзитет Американ колеџ Скопје, а меѓу неговите научни интереси повторно доминираат ЦЕФТА, регионалната економска интеграција и економската дипломатија. Во труд објавен во 2015 година тој ја анализира ЦЕФТА како средство за зајакнување на регионалната трговија, натамошна либерализација и усогласување со меѓународните правила, а економската дипломатија ја гледа како инструмент за привлекување инвестиции и поттикнување на македонскиот извоз.
Шеф на кризната дипломатска мисија во Украина
Во 2019 година следува првата голема амбасадорска мисија – Киев. Ефремов станува вонреден и ополномоштен амбасадор на Македонија во Украина и останува таму до 2023 година. Таа дипломатска функција на 24 февруари 2022 година ненадејно се претвора во кризна мисија, кога Русија ја почнува целосната инвазија врз Украина.
Ефремов и македонските дипломати останаа во Киев во првите драматични денови од нападот, додека се бараше начин да бидат извлечени македонските државјани. Дел од времето го поминуваа во скривница поради нападите врз градот, а потоа беше организирана нивна евакуација. Тоа е веројатно најнеобичниот дел од неговата биографија: идниот амбасадор во Софија веќе има искуство со функционирање на дипломатска мисија во услови на вистинска војна.
Интересно е што и во тие денови Ефремов останува исклучително воздржан во јавните настапи. Наместо големи геополитички оценки, неговите изјави главно се однесуваат на безбедноста на македонските граѓани, можностите за евакуација и работата на амбасадата. Тој модел се забележува низ целата негова кариера – Ефремов ретко излегува од рамките на темата и надлежноста за која зборува.
Секогаш одмерен и воздржан, со фокус на економската соработка
Уште повпечатливо е тоа кога ќе се погледнат неговите јавни настапи поврзани со Бугарија. Не се сеќаваме на негови позначајни јавни оценки за внесувањето на Бугарите во Уставот, францускиот предлог, преговарачката рамка со ЕУ, македонскиот јазик, Гоце Делчев, историската комисија или за обвинувањата од Софија за положбата на македонските Бугари. Тоа не значи дека Ефремов нема ставови за овие прашања, туку дека не ги претворал во предмет на јавна политичка полемика.
Она за што јавно зборувал во односите со Бугарија е многу поблиску до неговата професионална специјалност: економијата, трговијата и поврзувањето. Неговиот долгогодишен ангажман околу ЦЕФТА покажува уверување дека регионалната економска интеграција, отстранувањето на трговските пречки и усогласувањето со европските стандарди се дел од подготовката на земјите од регионот за поширока европска интеграција. Во научните трудови што ги објавувал, политичките односи меѓу соседите ги разгледува пред сè преку практичната економска соработка.
Накусо, Скопје во Софија испраќа дипломат со повеќе од две децении искуство во државната администрација и ви дипломатијата, поранешен главен преговарач за ЦЕФТА, експерт за меѓународна трговија, професор и човек што веќе преживеал една исклучително тешка амбасадорска мисија во завојувана Украина. Неговиот досегашен јавен профил не дава основа Ефремов да се означи ниту како „тврд”, ниту како „мек” кон Софија. Тој е професионален дипломат кој досега внимателно ги избегнувал јавните полемики за историско-идентитетски прашања и кој најмногу зборувал за она што најдобро го познава – економијата, трговијата, инфраструктурното поврзување и регионалната соработка.
Останува да се види како ќе биде дочекан во Софија.