Кина „крие“ дека ѝ протекува радијација од нуклеарка, но не и Французите
И покрај предупредувањето од компанијата „Фраматоме“, администрацијата на претседателот Џо Бајден смета дека случајот во централата сè уште не е на „ниво на криза“, пренесува Си-Ен-Ен.
Изминативе недели владата на САД проверувала информации за наводното истекување на радијација во кинеска нуклеарна централа, пишува B92.net.
Шпекулациите настанале откако француската компанија „Фраматом“, која е сопственик на дел од централата и која помага при одржувањето, предупредила дека „може да има радиолошка закана“.
– Американските власти ги добија овие информации -пренесува Си-Ен-Ен, која имала увид во официјалните документи.
Предупредувањето следело по обвинувања дека кинеските власти го зголемиле нивото на дозволено зрачење надвор од централата Таишан во провинцијата Гуангдонг, за да не бидат принудени да ја затворат нуклеарката.
Овие обвинувања се наведени во писмото на француската компанија испратено до американското Министерство за енергетика.
И покрај предупредувањето од компанијата „Фраматом“, администрацијата на претседателот Џо Бајден смета дека случајот во централата сè уште не е на „ниво на криза“, пренесува Си-Ен-Ен.
Додека американските власти сметаат дека ситуацијата не претставува сериозна закана за работниците и јавноста во Кина, невообичаено е тоа што една странска компанија ги контактирала САД за помош, а кинеската страна сè уште не признава дека постои проблем.
Си-Ен-Ен посочува дека ова сценарио може да ги доведе Американците во комплицирана ситуација доколку продолжи протекувањето и со тоа се отежнува нерешениот проблем. Сепак, загриженоста е доволно голема, бидејќи Американскиот совет за национална безбедност уште минатата недела одржа неколку состаноци.
Администрацијата на Бајден разговараше со француската влада и експерти од американското Министерство за енергетика, објавија повеќе извори, додека Си-Ен-Ен тврди дека САД биле во контакт со кинеската влада, но дека резултатот од тој разговор не е познат.
Од Си-Ен-Ен контактирале со кинеските власти во Пекинг и провинцијата Гуангдонг, каде што се наоѓа нуклеарката, како и со кинеската амбасада во Вашингтон и не добиле одговор. Сепак, треба да се има предвид дека во моментов Кина слави тридневен национален празник и луѓето одмораат дома.
Француската компанија „Фраматом“ објави дека според достапните податоци централата работи во рамките на безбедносните параметри. Компанијата соопшти дека нејзиниот тим работи со експерти за проценка на состојбата за да може да предложи решенија за било какви потенцијални проблеми.