Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе 38 предлози за казнени налози против вкупно 43 лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Предложени се и казни од по 2.000 евра за секој од нив.
Од ЈО соопштија дека сите обвинети во различни периоди и на различни локации во Скопје биле затекнати додека не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена како мерка за сузбивање и превенција на заразната болест Ковид 19.
Основното јавно обвинителство Штип поднесе предлог за издавање казнен налог против 32-годишен жител на селото Уларци поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти Јавното обвинителство, обвинетиот на 23 март, непочитувајќи ја Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, за време на полицискиот час со автомобил се движел по локалниот пат меѓу селата Долни Балван и Таринци.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Штип достави предлог со кој бара на лицето да му биде определена парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.
ОВР Неготино до Основното јавно обвинитeлство Кавадарци денеска достави кривични пријави за 22 лица, од кои 20 полнолетни и две деца, што го прекршиле полицискиот час во периодот од 25 до 29 март, а ОЈО Кавадарци поднесе предлози за издавање казненени налози за полнолетните лица.
Двајца од нив, како што информира Јавното обвинителство, патувале со возило во Неготино и околината. Другите се движеле пеш во градот Неготино и селата Корешница и Тремник.
– Основното јавно обвинителство Кавадарци за полнолетните лица поднесе предлози за издавање казнени налози за сторено кривично дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, со кои на надлежниот суд му предложи за секое од лицата да изрече парична казна во висина од 40 дневни глоби, секоја во висина од по 20 евра во денарска противвредност, соопшти Јавното обвинителство.
За двете деца, се вели во соопштението, ќе се води постапка пред Основниот суд Кавадарци, како стварно надлежен суд за постапување во предмети против деца.
Радовишкото обвинителство обвини 11 лица за непочитување на одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, соопштија од Јавното обвинителство.
– Еден од нив пеш, а другите со возила се движеле во Радовиш и околината, со што не постапилe според мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење или сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот – информираат од Јавното обвинителство.
Заради стореното кривично дело – Непостапување според здравствени прописи за време нa епидемија, Основното јавно обвинителство Радовиш до судот поднесе предлози за издавање казнени налози за сите обвинети со предлог да им биде изречена парична казна во висина од по 100 дневни глоби.