Кавадарци добива модерен Зелен пазар

316

Општина Кавадарци денес почна со реконструкција на Градскиот зелен пазар. Механизацијата на фирмата „Градба промет“ го расчистува теренот на локацијата на постојниот зелен пазар. Со новиот проект изработен од архитектонското биро „Дизајн центар Инжинеринг“ општината ќе гради современ покриен зелен пазар со две нивоа за паркирање и едно ниво за продажба на свежи зелени производи, како и производи кои бараат посебни услови, најави градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев.

Приземниот дел е предвиден за пристап, како и за паркирање на 62 лесни автомобили и едно паркинг место за инвалиди. Новина е сообраќајниот пристап до објектот од источнатa страна по траса на улицата Зелен Пазар на потегот од спојот со улицата Цано Поп-Ристов до спојот со улицата 7-ми Септември која сега ќе се трансформира од пешачка во улица за моторен сообраќај. Таа улица ќе има функција за пристап до објектот, како и за дотур на производи. Во ова ниво се наоѓаат и санитарни јазли за продавачите и потрошувачите.






На нивото над приземјето (+3.10) се предвидува покриен простор со челична настсрешница кој ќе служи за поставување на мобилни тезги за продажба на зелени производи (зеленчук, сезонско и јужно овошје, цвеќе, чај и зачини), како и посебен дел пунктови каде што ќе се продавааат производи кои бараат посебни услови (месо, риба, млечни производи, јајца, маслинки). Во делот на пазарот каде ќе има поставени тезги за продавање на зелени производи не е предвидено затварање на просторот со ѕидарија.

Проектот предвидува подземно ниво со 66 паркинг места за лесни автомобили и едно паркинг место за лица со посебни потреби. Трите нивоа се поврзани преку вертикални комуникации: скалници, товарен лифт за достава на роба и помал лифт за луѓе. Конструкцијата на објектот е комбинација од бетон и челик.

Општината Кавадарци за изградба на објектот ќе инвестира 102.616.159 денари.

Во времето на изградба на новиот пазар, неговата функција ќе ја обавува пазарот на локацијата на булеварот Никола Минчев.

 

Поврзани содржини