КАВАДАРЧАНЕЦ СО НОЖ ТЕРОРИЗИРАЛ НИЗ ГРАДОТ Прво нападнал маж, па се заканувал на дете, уапсен на лице место
Осомничениот најпрво се обидел да нападне полнолетно лице, а потоа и да се закани на малолетник во градскиот парк, кај него бил пронајден остар предмет.
29-годишниот Д.С. од Кавадарци е приведен од страна на полицијата, откако синоќа со остар предмет се заканувал на сограѓанин и на малолетно лице, потврдија денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.
Според информациите на полицијата, инцидентот се случил во два наврати. Најпрво, околу 22:30 часот, во централното градско подрачје, осомничениот се обидел да го нападне со остар предмет 29-годишниот А.И. од Кавадарци. Само 40 минути подоцна, околу 23:10 часот, во еден од парковите во градот, пред поголема група малолетници, Д.С. повторно извадил остар предмет и му се заканил на малолетник, соопштуваат од СВР Велес.
„Полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Д.С. во 23:25 часот. Кај него беше пронајден и одземен остриот предмет“, наведуваат од полицијата.
Против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, а за случајот е известен и Јавен обвинител.