КАРПОШАНИ, ВАШИТЕ НАПУШТЕНИ ВОЗИЛА СЕ НА УДАР НА ЗАКОНОТ Строги казни за оние кои нема да ги тргнат крнтиите од јавните површини
Сопствениците на веќе мапираните возила ќе добијат известување, а ќе имаат рок од десет дена за отстранување на возилото. Доколку не постапат, инспекторите ќе издадат дополнителна опомена со рок од пет дена, по што колективниот постапувач ќе ги отстрани возилата и ќе ги дислоцира на посебно определено место, велат од Општината.
Општина Карпош склучи договор за соработка со колективниот постапувач ДУО Греен Роад од Скопје за отстранување на отпадни моторни возила од јавни површини на територијата на општината.
Оваа акција, според информациите од општината, ќе се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и урбаните заедници, со цел подигање на свеста на граѓаните за рециклирање и зачувување на животната средина.
„Целта е јавните површини да се ослободат од хаварисаните возила, а граѓаните да се поттикнат на одговорно однесување кон своите возила што повеќе не се во употреба“, изјавија од Општина Карпош, истакнувајќи дека новите мерки ќе овозможат поголема контрола и чистота на јавните простори.
Со донесувањето на Законот за управување со посебни текови на отпад, инспекторите од општината ќе идентификуваат и мапираат сите хаварисани возила, со што ќе се формира база на податоци. Сопствениците на веќе мапираните возила ќе добијат известување, а ќе имаат рок од десет дена за отстранување на возилото. Доколку не постапат, инспекторите ќе издадат дополнителна опомена со рок од пет дена, по што колективниот постапувач ќе ги отстрани возилата и ќе ги дислоцира на посебно определено место.
„Општината апелира до сите сопственици на хаварисани возила да ги отстранат од јавните површини во најкус можен рок. Во спротивно, ќе се спроведат казнени мерки согласно законот, а глобата ќе изнесува 250 евра. За дополнителни информации, граѓаните може да се обратат во Секторот за инспекција на Општина Карпош или кај колективниот постапувач ДУО Греен Роад“, велат од Општина Карпош.