КАКО ДА СЕ ЗАДРЖИ НАДЕЖТА, УШТЕ КОЛКУ ЌЕ СЕ ТЕСТИРА ТРПЕЛИВОСТА? Муцунски се обрати пред Советот на Европа
Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски зема учество на есенската сесија на Парламентарното собрание на Совет на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври 2024 година во Стразбур.
Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на прашањето со Бугарија, потенцирајќи дека интеграцијата на нашата држава во Европската Унија е од заеднички интерес за целиот регион.
Тој изјави: „Да зборуваме за она што не обединува и за тоа што можеме да го направиме заедно. Придвижувањето на нашиот пат кон ЕУ е важно не само за нас, туку и за нашите соседи, кои ќе имаат најголеми придобивки од нашето членство.“
Министерот исто така зборуваше за третманот на малцинствата во двете земји – бугарското малцинство во нашата држава и македонското во Република Бугарија.
– Не постои случај каде бугарското малцинство било дискриминирано во нашата земја, но ако постои таков случај, подготвени сме да разговараме и да работиме институционално за негово решавање. Ајде заедно да ги унапредуваме правата на малцинствата во двете земји. Секој предлог за подобрување го прифаќаме со отворени раце, но и ние имаме право да дадеме примери каде и Бугарија мора да се подобри, особено во врска со пресудите на Европскиот суд за човекови права – истакна Муцунски.
Процесот на нашата евроинтеграција сè уште е попречен од пречки кои изгледаат сè повеќе неправедни, и тоа не само што ја тестира отпорноста на институциите, туку и трпеливоста на народот, истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето пред делегациите на земјите членки на Советот на Европа.
– Замислете го разочарувањето на една нација која направила сè што е побарано од неа, само за да ѝ се каже дека целта е сè уште недостижна. Како да се задржи надежта кога чувствувате дека самите принципи на Европската Унија – солидарност, правда и единство – се применуваат нерамноправно? – нагласил министерот во своето обраќање.
Во завршницата на своето обраќање, министерот се осврна на иднината на регионот, која ја гледа како дел од ЕУ: „Ние, како млада генерација политичари, можеме да учиме од историјата, но и да гледаме напред – кон вештачката интелигенција, трговијата и можностите за соработка меѓу нашите земји. Сите наши соседи ги сметаме за пријатели и ќе продолжиме да се однесуваме така. Ајде заеднички да го придвижиме регионот напред на патот кон Европската Унија.“