Како да се препознае вистинското корона-профитерство?
Не е доволно само да се ломоти за тоа кој навистина профитира од нашата заедничка несреќа. Постојат корона-профитери, но најопасните ги нишаат темелите на нашата економија. Затоа, треба внимателно и длабински да се анализира, за да се дизајнираат мерки за заштита и за поддршка на погодените сектори. Радикални и итни мерки, ама добро обмислени. Веќе се слушаат иницијативи во таа насока и тој тренд треба да се поддржи.
Додека нашите политички лидери, барем до денешните разборити изјави и најавени активности, главно беа загрижени дали КОВИД-19 ќе ги одложи изборите и кој од тоа добива или губи, во некои земји во светот, освен за ефикасни мерки за спречување на ширење на заразата, многу сериозно се размислува и како да се спречи галопирачката економска криза што веќе ја предизвикува пандемијата.
Неверојатно, но вистинито – најразвиената и „најкапиталистичка“ европска земја, Германија, најавува привремено национализирање на некои тамошни компании, ако тоа е единствен начин за поддршка во ситуација на пад на меѓународните синџири за испорака. Нема да дозволиме банкрот на економски стабилни компании, велат енергичните Германци. Освен тоа, таму се најавуваат мерки како што се одлагањето на даночни обврски и финансиска помош.
Нема сомневање дека и кај нас треба да се размислува за такви мерки. Радикални и итни мерки. Ама добро обмислени. Верувам дека не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку и во другите партии, како и во техничката влада, се размислува за посебни активности за одржување на економската кондиција на компаниите и за општата макроекономската стабилност. Императив на денот е да се дизајнираат мерки за санирање на штетите кај компаниите што се погодени од коронавирусот.
Добри се идеите на опозиционерите да се замрзнат обврските на погодените компании кон државата. Треба да се работи и на другите предлози што доаѓаат од други партии и субјекти. Тука се Стопанската комора на Македонија како водечки тинк-тенк, другите комори, синдикатите… Сечија партиципиација е добредојдена. Македонија има одлични и докажани експерти за макроекономија, кои можат итно да ги изанализираат состојбите, со цел мерките за државна поддршка на стопанството да бидат ефикасни и да се насочат на вистинската адреса.
И уште нешто. Македонија во Уставот се декларира како социјална држава. Иако во праксата тоа најчесто е само гола декларација, еве ова е прилика да ѝ се даде вистинска содржина.
Треба да се поттикнат добротворните акции и иницијативи, но и да се осуди профитерството од кризата. Не е профитерство ако партиите продолжат да водат политичка битка. Без оглед дали изборите ќе се одложат или не. Ширењето на заразата ќе одлучи за тоа. Не е профитерство ако ги сочуваме демократските вредности, што подразбира и слобода на изразувањето и негување на критичката мисла. Тие вредности не треба да се ограничуваат, зашто тие не ги ослабуваат капацитетите на општествениот организам да се справи со ширењето на заразата.
Треба да научиме што е вистинско профитерство во вакви неприлики. Се разбира, профитерство е кога некој продава маски многукратно поскапи отколку што ги набавуваат. Затоа, тоа мора да се спречи, а државата, ако навистина е социјална, треба да обезбеди бесплатни маски, дезинфициенси и други материјали што се потребни во секое семејство, а кои сега или не можат да се купат, или се купуваат по енормно високи цени. Македонската држава има сили тоа да го обезбеди како ресурс, согласно со нејзината стратегија за борба против заразата.
Најстрашното и најопасното корона-профитерство, сепак, е тоа кога некои луѓе и субјекти ја користат ситуацијата за упади на берзите, за шпекулирање и за други активности со кои би можеле да ја загрозат дури и стабилноста на финансискиот сектор на нашата економија. Во светот веќе има такви искуства.
Внимавајте, ова е време кога трговијата, угостителството и туризмот веќе доживуваат сериозни удари. Упатените велат дека е прашање на денови кога и нашите компании, како и германските, ќе се соочат со прекин на меѓународните синџири на испораки. На удар се пристаништата во нашата околина (Солун, Драч, Бари), па може да се случи да кризира транспортот. Ако тоа се случи, ќе пати целиот сектор на реалната економија. А банките и финансискиот сектор се само рефлексија на реалниот сектор на економијата. Од нив ќе се очекува поддршка, а тие и самите зависат од состојбите во македонските компании. Никому не му е лесно…
Ете затоа, потребни се ефективни мерки за заштита и поддршка на нашата економија, чиј составен дел се банките и целиот финансиски сектор. Најважно е да не ги сечеме гранките на кои седиме и што побрзо да се „бандажираат“ темелите на нашата економска кула. Да не падне утре како кула од карти. Лесно е само да се ломоти за „профитерство“ – и од такво ломотење да се прават ситни профити, нели – лесно е да се посочува со прстот на овој или на оној. Малку потешко, но исклучително потребно е да се слушне гласот на експертите, на луѓето кои умеат да анализираат длабински и да ги детектираат нашите вистински слабости.
Така ќе се препознае вистинското корона-профитерство. И само така може да се дизајнираат ефикасни, а не алиби мерки за спасување на економијата. Гледам дека веќе се размислува во таа насока и добро е тој тренд да продолжи. Значи, потребнни ни се мерки за кои навистина вреди да се постигне единство, не само меѓу политичарите, туку и меѓу сите општествени субјекти. Бидејќи сите заедно сме изложени на голема опасност и сме во предворјето на една голема криза што ќе се одрази во сите сектори на општественото живеење.