КАКО ДА СЕ НАДМИНЕ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА? Азески предлага неколку решенија
Стопанската комора смета дека веќе е јасно дека кризата со електрична енергија ќе потрае, а деновите до следната грејна сезона се намалуваат.
Зголемување на домашното производство на електрична енергија и нејзино штедење и рационализација, предлага Стопанската комора со цел да се надмине кризата со енергенси.
Според Комората, тоа треба да се направи побрзо бидејќи се намалува периодот до почеток на следната грејна сезона.
Од комората велат дека е јасно дека кризата со електричната енергија останува и натаму (цената на струјата денеска, 3.5.2022 г., е 218,5 евра).
Во однос на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија Комората предлага:
1.Да се размисли за докапитализација на АД ЕСМ преку издавање државни обврзници или акции на домашни физички и правни лица за прибирање соодветни финансиски средства, кои би се користеле исклучиво за изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија и под строг надзор на државата. На тој начин целокупното општество ќе биде заинтересирано за успешно работење на овие производствени капацитети и би го придвижило и пазарот на средства кои сега едноставно се чуваат во банките или се трошат за купување недвижности, особено станови во Скопје (што може да се забележи од најновиот попис), во услови кога не постои квалитетна берза во земјава или други видови финансиски пазари.
2.Да се иницира изградба на други енергетски објекти во соработка со ЕСМ, ЕВН и со стопанствениците, преку соодветни удели, и изградба на поголеми енергетски постројки – надградба во комбинирана гасна електрана во „Неготино“ и во „Осломеј“; постепена замена на термоелектраните во Битола со гасни електрани во комбиниран циклус; изградба барем на една пумпно-реверзибилна електрана од 100 до 120 MW за да може да се складираат евентуални вишоци на произведена електрична енергија преку пумпање вода од долниот во горниот воден резервоар; изградба на проточни хидроелектрани на Вардар, ХЕЦ „Бошков Мост“, Брана „Луково Поле“ и сл.
3.Инвестирање во фотоволтаици за сопствени потреби на компаниите. На тој начин се избегнуваат проблеми од типот на може или не може да се направи приклучок кон дистрибутивната мрежа; се избегнува договор со дистрибутерот кој треба да ја купува енергијата и притисоци околу цените во еден и во друг правец – од дистрибутерот спрема компанијата и обратно и од производителот на електрична енергија од ФВ спрема дистрибутерот.
4.Субвенционирање во дел од трошоците за струја за компаниите кои произведуваат стратешки производи – производители на основни прехранбени производи, но и субвенционирање на другиот дел од индустријата.
Според Стопанската комора, најдобар начин на заштеда на електрична енергија и нејзина рационализација е ако државата итно донесе наредба на каков начин ќе се спроведе тоа.
– Во март 2021 година компаниите плаќаа 60 евра/MWh, а оваа година во март – 280 евра/MWh. Трошокот за струја е зголемен за 4,5-пати. Во регионот во овој момент Македонија, Косово и Албанија се целосно оставени на отворен пазар. Србија до јули гарантира 75 евра/MWh, во Босна цената на струјата е 69 евра/MWh, Грција прави субвенција на индустријата од 130 евра /MWh, а Бугарија има варијабилна формула, која може да оди до 120 евра /MWh субвенции, така што македонското стопанство станува неконкурентно, а тоа порано или подоцна ќе се одрази сериозно врз нивното натамошно работење – велат од Комората.
Оттаму додаваат дека секој следен ден загубите на компаниите ќе бидат сѐ поголеми ако во меѓувреме не се преземе нешто.
-Комората бара конечно да се направат дополнителни напори за обезбедување што поголемо и економски прифатливо решение за домашно производство на електрична енергија, паралелно со сериозни активности во доменот на зголемувањето на енергетската ефикасност, како во делот на производството на електрична енергија така и во делот на нејзината потрошувачка и на нејзиното рационално користење- велат оттаму.
Претседателот на стопанската комора Бранко Азески дополнително информира дека добил информација надлежниот Директорат за добрососедство при Европската комисија дава налог сите сили на Директоратот да се насочат спрема земјите на Источното партнерство, иако истиот тој Директорат е надлежен и за Западен Балкан.
-Источното партнерство е синоним за соработката со три земји – Украина, Молдавија и Грузија. Едноставно и просто, тие земји сега се ставаат на брзиот воз кој се движи кон Брисел. Мислам дека ако ова и се оствари, разочарувањето на Западен Балкан кон Европската Унија ќе биде огромно – вели Азески.
Тој му забележува и на еврокомесарот Верхеи, како што вели на неговиот непрофесионален однос кон Коморскиот инвестициски форум.
-Иако уредно поканет и со прифатена покана од него, како учесник на состанокот на Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум (28.4.2022 г.), во последен момент нѐ извести дека од неопходни причини на Балканот нема да присуствува на средбата. Многу е несериозно едно толку високо позиционирано лице во Европската Унија по вторпат да прави грешки кои оставаат траги во нашата меѓусебна соработка. За појаснување, Бизнис Советот во Статутот на КИФ е најрепрезентативното тело, кое врши контрола врз работењето и врз примената на проектите кои се врзани за Коморскиот инвестициски форум – вели Азески.