КАФЕТО И ЧАЈОТ МОЖЕ ДА БИДАТ ПРОБЛЕМ АКО ГИ ПИЕТЕ МНОГУ ЖЕШКИ Ризикот од еден тип рак на хранопроводникот е трипати поголем кај оние кои пијат врели напитоци

Големо истражување на Универзитетот Оксфорд покажа дека пиењето многу жешко кафе и чај е поврзано со околу трипати поголем ризик од сквамозен карцином на хранопроводникот.

54

Не мора да се откажете од утринското кафе или чајот, но можеби вреди да почекате неколку минути пред да ги испиете. Ново големо истражување на научници од Универзитетот во Оксфорд откри поврзаност меѓу пиењето многу жешки напитоци и зголемен ризик од сквамозен карцином на хранопроводникот.

Научниците анализирале податоци од 977.282 возрасни лица од Велика Британија, користејќи информации од две големи долгорочни истражувања – „UK Biobank“ и „Million Women Study“. Учесниците биле прашани дали вообичаено ги пијат своите топли напитоци „топли“, „жешки“ или „многу жешки“, а потоа биле следени повеќе години.






Во споредба со луѓето кои претпочитале топли напитоци, оние кои пиеле жешки имале околу 1,7 пати поголем ризик од сквамозен карцином на хранопроводникот. Кај оние кои ги пиеле напитоците многу жешки, ризикот бил околу трипати поголем. Истражувачите забележале и дека луѓето кои пиеле шест или повеќе топли напитоци дневно имале 71 отсто поголем ризик од овој тип рак, независно од тоа како ја оценувале температурата на напитокот.

Научниците сметаат дека причината можеби е повторуваното термичко оштетување на клетките што ја обложуваат внатрешноста на хранопроводникот. Ваквата поврзаност не е нова: уште во 2016 година Меѓународната агенција за истражување на ракот при Светската здравствена организација ги класифицираше напитoците консумирани на температура над 65 степени Целзиусови како „веројатно канцерогени за луѓето“.

Сепак, тоа не значи дека секоја шолја кафе или чај претставува опасност. Самите истражувачи нагласуваат дека сквамозниот карцином на хранопроводникот е релативно редок во Велика Британија и дека апсолутниот ризик за поединецот останува низок. Дополнително, новото истражување се потпирало на тоа како учесниците ја процениле температурата на напитокот, па потребни се дополнителни истражувања за попрецизно да се утврди на која температура започнува зголемениот ризик.

Практичната порака е едноставна: не мора да го исфрлите кафето или чајот, туку оставете го малку да се излади пред да го пиете. Особено е важно да не се меша ризикот поврзан со температурата со самиот напиток – досегашните докази упатуваат дека проблемот е пред сè во жештината, а не во тоа дали пиете кафе или чај.

Поврзани содржини