Веќе подолг период жителите на неколку села што се протегаат во националните паркови во нашата држава алармираат за присуство на заштитениот вид кај нас– кафеавата мечка која во потрага по храна талка по населени места и претура по кантите за отпадоции и дивите депонии, велат од Анима Мунди.
Тие ги обвинуваат надлежните институции дека се незаинтересирани и дека заштитата на сите диви животни постои само на хартија, поради што немилосрдно биле убиени три мечки на дива депонија обидувајќи се да се прехранат.
„Иако ова наиде на осуда од надлежните институции и навидум се во потрага по сторителите, неодамнешната средба на надлежните институции со жителите на Маврово меѓу редови го кажа сосема спротивното – дека се планира отстрел на кафеавата мечка бидејќи претставува закана за населението и апсурдната констатација дека истата е пренаселена и нејзиниог број е дуплиран. За жал овој наш заклучок го потврди и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов со вчерашната несреќна изјава“, се наведува во соопштението.
Според нив, наместо надлежните институции со доза на сериозност да пристапат кон овој проблем, да се консултираат со експерти на оваа тема и да најдат безболно решение кое не вклучува смрт, натежнуваат кон масовно убиство на повеќе од половина од популацијата на мечки во нашите национални паркови – мерка која нема да доведе до никаков резултат бидејќи нема да ја исклучи можноста останатиот дел од мечките да гравитираат повторно низ населените места за лесен пристап до храна од кантите за отпадоци и дивите депонии.
„Апелираме до институциите да пристапат со сериозност кон ова и да не се расфрлаат со глупави идеи за кои ќе се осигураме дека ќе добиете осуда од локалната и меѓународната заедница. Отстрел, убиство на диви животни не смее и нема да биде предлог на маса за решавање на овој проблем наместо наметнување мерки на населението и комуналните служби, преземање дејствија за редовно чистење на отпад и прихранување на мечките. Обука на населението како да се заштити и превенира, коегзистира со дивите животни што е пракса во секоја цивилизирана држава со развиена свест. Кафеавата мечка е диво животно со највисока заштита во законот и предупредуваме дека така треба и да остане“, пишува Анима Мунди.