КАДЕ Е ВЕТЕНАТА ДЕТСКА КЛИНИКА ВО ЧАИР? Сали го праша Ганиу зошто не исполнил што ветил
Тука нема детска клиника, туку само измама од Висар Ганиу, кој без срам бара уште еден мандат, иако не побара извинување за лагата од пред четири години и, дотолку повеќе, не кажува каде завршиле предвидените пари за овој објект, рече Сали.
Каде завршиле парите за изградба на детска клиника која градоначалникот на Чаир Висар Ганиу ја вети во 2017 година, праша денеска Беким Сали, кандидат за градоначалник на Чаир од Коалицијата Алтернатива и Алијанса на Албанците.
– Денеска сме во центарот за евакуација на бегалците во Гази Баба. Повод за оваа посета е да видиме што се случи со ветувањето на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир во 2017 година дека тука ќе се гради детска клиника. За потсетување, тој во својот Договор на измамата во 2017 година, на страниците 66-71, вети дека овој објект ќе го претвори во детска клиника и за таа цел ќе потроши милион и 800.000 евра. И, ете, овој објект е ист како што бил во 2017 година. Ништо не е сменето. Тука нема детска клиника, туку само измама од Висар Ганиу, кој без срам бара уште еден мандат, иако не побара извинување за лагата од пред четири години и, дотолку повеќе, не кажува каде завршиле предвидените пари за овој објект – рече Сали.
Тој ги повика граѓаните да не се залажуваат повторно, туку да размислат сериозно кому ќе му веруваат.
– Драги граѓани, кој лаже еднаш, цел живот останува лажго. А тој што мами четири години, и историјата го запечатува за таков. Тој е Висар Ганиу. Новиот Чаир нема да никне од измамите на Висар Ганиу, туку од нашиот труд, нашето знаење и нашата работа – порача Сали.