ИЗРАЕЛ САКА ХАОС, НО СИРИСКИОТ НАРОД НЕ СЕ ПЛАШИ ОД ВОЈНА Ал Шара го обвини Ерусалим дека сее поделби

Сириските власти и водачите на друзиската заедница во средата објавија ново примирје, но стравот останува: жители на Сувајда раскажуваат за пукотници, запалени куќи и за исчезнати луѓе кои им се блиски во хаосот што ги потсетува на нападот на ИСИС во 2018 година.

1,090

Претседателот на Сирија го обвини Израел дека сее поделби и дека се обидува да „разбуди тензии и хаос“ во неговата земја, откако израелската војска го погоди срцето на Дамаск, тврдејќи дека тоа било во поддршка на друзиското малцинство, објави Ал Џазира.

Сирискиот лидер Ахмед ал-Шара во четвртокот наутро преку државната телевизија ги нарече Друзите нераскинлив дел од Сирија и ги осуди израелските акции како обид за поттикнување поделби.






– Потврдуваме дека заштитата на вашите права и слободи е меѓу нашите највисоки приоритети. Го одбиваме секој обид, странски или внатрешен, за раздор во нашите редови. Сите сме партнери на оваа земја и нема да дозволиме никој да ја наруши прекрасната слика што ја претставува Сирија и нејзиниот диверзитет – рече тој, директно обраќајќи им се на Друзите во Сирија.

Тој додаде дека Израел се обидува да ја разедини сириската нација и да ја претвори земјата во сцена на хаос, но дека Сириците го одбиваат тоа. Според него, народот не се плаши од нова војна, туку ја избира патеката на интересот на Сирија над уништувањето.

– Им доверивме на локалните фракции и на духовните лидери на Друзите да ја одржуваат безбедноста во Сувајда, со цел да се избегне влечење на земјата во нов конфликт – изјави Шара.

Втор обид за примирје со Друзите

Сириските владини претставници и лидерите на религиозното малцинство Друзи во средата објавија обновено примирје по неколку дена судири што ја загрозија поствоената политичка транзиција на земјата и предизвикаа воена интервенција од моќниот сосед Израел, објави Асошиејтед прес.

Колони на владини сили започнаа со повлекување од градот Сувајда, но не беше веднаш јасно дали договорот – објавен од Министерството за внатрешни работи на Сирија и преку видео порака на еден верски лидер на Друзите – ќе биде одржан. Претходното примирје, објавено во вторникот, бргу пропадна, а истакнатиот друски лидер, шеик Хикмат ал-Хиџри, се огради од новиот договор.

Израелските напади продолжија и по објавата за примирје.

Редок израелски напад во срцето на Дамаск

Оваа објава следеше по редок воздушен напад на Израел врз самото срце на Дамаск, како ескалација на кампањата што, според Израел, имала цел да ги одбрани Друзите и да ги оттргне исламистичките милитанти. Друзите претставуваат значајна заедница и во Израел и во Сирија, и се сметаат за лојално малцинство во Израел, а честопати служат и во армијата.

Ескалацијата во Сирија започна со киднапирања и напади меѓу локални сунитски бедуински племиња и вооружени групи на Друзите во јужната провинција Сувајда. Владините сили, кои интервенираа за да воспостават ред, влегоа во судири со друзиските милиции, но во некои случаи ги нападнаа и цивилите.

Новите власти во Сирија, главно сунити, се соочуваат со недоверба од верските и од етничките малцинства, особено откако судирите во март меѓу владините сили и про-Асадовските групи прераснаа во секташки одмазди. Стотици цивили од алавитското малцинство, од кое потекнува Асад, беа убиени.

Нема официјални бројки за жртвите од последните судири кои започнаа во понеделникот, кога Министерството за внатрешни работи соопшти дека 30 лица се убиени. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија јави дека до средата наутро се убиени над 300 лица, меѓу кои 4 деца, 8 жени и 165 војници и припадници на безбедносните сили.

Израел се заканува со нова ескалација

Израел изврши десетици напади врз владини трупи и колони што се движеа кон Сувајда, а во средата го погоди и седиштето на сириското Министерство за одбрана, лоцирано покрај фреквентен плоштад во Дамаск кој станал собиралиште по падот на Асад.

Во тој напад биле убиени 3 лица, а повредени 34, според сириските власти. Друг израелски напад погодил област блиску до претседателската палата на ридовите околу Дамаск.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, по првиот напад на Дамаск објави на платформата Икс:

„Болниот удар започна.“

Израел зазеде агресивна позиција кон новите сириски власти, тврдејќи дека не сака исламистички милитанти во близина на својата граница. Израелските сили ја зазедоа демилитаризираната зона што ја патролира ОН долж сириско-израелската граница на Голанските височини и изведоа стотици воздушни напади врз воени цели во Сирија.

Кац изјави дека израелската армија „ќе продолжи да ги напаѓа режимските сили сè додека не се повлече од областа и дека наскоро ќе ја зголеми силата на одговорот ако пораката не биде разбрана.“

Еден израелски воен претставник, кој говорел анонимно, рекол дека армијата се подготвува за „мноштво сценарија“ и дека една бригада, која обично брои илјадници војници, била повлечена од Газа и испратена на Голан.

Сириското Министерство за одбрана претходно ги обвинило милициите од друското мнозинство во Сувајда дека го прекршиле примирјето објавено во вторникот.

Страв кај Друзите за животот на нивните роднини во Сувајда

Извештаи за напади врз цивили продолжиле да се појавуваат, а Друзите со роднини во зоната на конфликтот очајнички барале информации за нивната судбина.

Во Џарамана, близу сириската престолнина, 20-годишната Евелин Аззам изјавила дека стравува оти нејзиниот сопруг, Роберт Киван (23), е мртов. Двајцата живеат во предградие на Дамаск, но тој патувал до Сувајда за работа и бил заглавен таму кога избиле судирите.

Аззам рекла дека била на телефон со него кога безбедносни сили го испрашувале него и негов колега за наводни врски со друски милиции. Кога колегата повишил тон, слушнала истрел. Роберт бил погоден додека се обидувал да објасни.

– Му пукале во колкот, колку што разбрав. Брза помош го однела во болница. Оттогаш немаме никакви информации – рече таа низ солзи.

Сириска Друзинка од Сувајда, која живее во Обединетите Арапски Емирати, рекла дека нејзините родители и сестра се криеле во подрумот на својот дом блиску до болницата, каде што се слушале експлозии и пукотници. Таа зборувала анонимно, од страв дека нејзиното семејство може да биде мета.

– Ги слушнав како плачат. Никогаш порано не сум ги слушнала такви – рече таа.

Друга Друзинка од ОАЕ со семејство во Сувајда рече дека нејзин роднина ѝ јавил дека куќата на нивни блиски била запалена додека тие биле внатре.

Тоа ја потсетило на нападот на ИСИС врз Сувајда во 2018 година, кога нејзиниот вујко, заедно со многу цивили, зел оружје за да се брани додека Асадовите сили останале настрана. Тој бил убиен во борбите.

– Истото се случува и сега. Друзиските борци се само луѓе што ги бранат својата провинција и своите семејства – изјави таа за Асошиејтед прес

Друзиската религиозна секта започнала во 10 век како отцепување од исмаилизмот, гранка на шиитскиот ислам. Повеќе од половина од приближно 1 милион Друзи во светот живеат во Сирија. Поголемиот дел од останатите се во Либан и во Израел, вклучувајќи ги и Голанските височини, кои Израел ги зазеде од Сирија во војната од 1967 година и ги анектираше во 1981 година.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека Вашингтон е „многу загрижен“ за насилствата меѓу Израел и Сирија, кои, според него, произлегле од „недоразбирање“, и додаде дека САД се во контакт со двете страни за да се врати смиреноста.

САД ОЧЕКУВА ДЕЕСКАЛАЦИЈА ВО СИРИЈА Израел нападна по конфликтот меѓу Друзи и Бедуини

Поврзани содржини