ИЗМАМИЛЕ 19 ЖРТВИ И ЗЕЛЕ 175.000 ЕВРА Две кумановки уапсени за злоупотреба на лични податоци
Две жени од Куманово се уапсени под сомнение дека користеле лични податоци на 19 лица за да земат брзи кредити и незаконски присвоиле околу 175.000 евра.
Две жени од Куманово, на возраст од 22 и 34 години, се уапсени под сомнение дека во период од шест месеци земале брзи кредити на туѓо име и незаконски присвоиле околу 175.000 евра.
Според Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од СВР Куманово денеска ги лишиле од слобода А.С.Д. (22) и М.В. (34), а против нив е поднесена кривична пријава.
Истрагата покажала дека од јануари до јули годинава, 22-годишната осомничена во 19 наврати користела лични податоци на други лица без нивно знаење и согласност. Во нивно име аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а откако средствата биле одобрени и исплатени, парите завршувале кај неа и кај втората осомничена.
Со ова, според полицијата, биле измамени 19 лица, а двете жени стекнале противправна имотна корист од 10.820.000 денари, односно околу 175.000 евра.
Од МВР велат дека 22-годишната кумановка е осомничена за измама и злоупотреба на лични податоци, додека 34-годишната се товари дека ѝ помагала во реализацијата на измамите, постапувајќи по претходен договор и преземајќи активности што овозможиле шемата да се спроведе.
Истрагата за случајот продолжува.