ИЗЛЕГОА 6 НЕЧЕСНИ, А ВЛЕГОА 6 ЧЕСНИ ПРАТЕНИЦИ „Прво нè игнорираа, нè исмеваа, па нè напаѓаа, а сега ни се плашат!“

Претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев, им се заблагодари на членовите на Левица за нивната пожртвуваност, истрајност и за работата на нивната заедничка кауза, наспроти притисоците, кои се „движечка сила за нивниот континуиран успех“.

3,136

„Заедно докажавме дека трулиот систем може да се изигра. Дека најголема закана за него се чесните граѓани, организирани во борбена работничка партија, кои се спремни да бидат над матрицата на клиентелизмот и личниот интерес понуден од ‘змијата’ (СДС) или ‘магарето’ (ДПМНЕ). Дека токму тие луѓе исфрлија шест нечесни и на нивно место донесоа шест чесни народни пратеници, а разликата допрва ќе ја сведочиме.“

Ова го рече претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев, а објави Секторот за медиуми и односи со јавност на Левица.






„Борбата за правична и поубава Македонија за сите нас е борбата што вреди! Како претседател на Левица, ви пишувам со големо чувство на благодарност. Нашиот успех на овие историски парламентарни Избори 2024 и освојувањето на шест мандати во Собранието на РМ е доказ за неумоливоста и вербата на секој наш член, гласач, поддржувач, симпатизер и граѓанин кој верува во нашата искреност и визија за подобра иднина“, пишува Димитар Апасиев.

Тој им се заблагодари на членовите на Левица за нивната пожртвуваност, истрајност и за работата на нивната заедничка кауза, наспроти притисоците, кои се „движечка сила за нивниот континуиран успех“.

„Растот на Левица од нула до она што е денес, организирањето теренски активности за контакт и дискусии со граѓаните, вклучувањето во кампањите, сета напорна работа и масовна мобилизација не останаа без резултат. Вашата издржливост, одлучност и на моменти фанатична посветеност во клучните мигови е она што дополнително нè поттикна да одиме решително напред во секоја криза и ни овозможи да направиме сериозна разлика во политичката култура во Македонија“, посочува претседателот на Левица.

Лидерот на Левица им се заблагодари и на гласачите за дадената доверба.

„Вашата храброст да постапите различно од сите останати, вашата мудрост да ги препознаете искрените заложби наспроти бројните лаги и манипулации во етерот, како и вербата во нашата работа и кауза е катализатор на промените кои претстојат. Ја разбираме тежината на одговорноста што ни ја доверивте и ветуваме дека чесно и доблесно ќе работиме за да бидеме достојни на зборот даден кон вас. Идејата за поубава Македонија е жива и преку нашата работа во законодавниот дом ќе ја чуваме и ќе работиме на нејзина реализација. Вашиот глас ни даде простор да се залагаме за политики кои даваат приоритет на благосостојбата на граѓаните, заштита на животната средина и на националните ресурси, унапредување на состојбите во здравството, образованието, правосудството, но и заштита на националното прашање и македонскиот идентитет“, објаснува Апасиев.

Тој им се заблагодари на симпатизерите и поддржувачите во Македонија и во странство „што останале покрај нив во текот на перманентниот раст на партијата и созревањето на политичката сцена“.

„Без разлика дали тоа беше преку волонтирање, донации, јавна поддршка, споделување на нашите идеи или на друг начин, вашата поддршка е непроценлива! Вербата во нашата левичарска кауза ја поттикнува нашата решителност уште поборбено да тргнеме кон значајни промени и да создадеме пофер, попрaвично и порамноправно општество за нашиот народ“, се вели во објавата на Апасиев.

Претседателот на Левица вели дека „не се наивни да веруваат дека борбата која им претстои е лесна, туку дека се свесни дека е сериозен предизвик“. Тој е убеден дека Левица ќе дојде до уште подобри резултати кои значат надеж, но и „можна поубава иднина дома, во Македонија“.

Апасиев посочи дека „борбата не смее да запре“.

„Со Левица, нема веќе инфериорни Македонци во сопствената држава! Со цел на нè запрат – прво нè игнорираа, потоа нè исмеваа, па нè напаѓаа, а сега, веќе ни се плашат!“, подвлече Апасиев.

Затоа, според него, борбата не смее да запре „сè додека не ги победат!“ Тој им се заблагодари на гласачите и на симпатизерите од сѐ срце.

Во ,,пост скриптум” лидерот на Левица додава: „п.с. Се гледаме во новиот собраниски состав. Да ги преброиме зулумите! Да ги израмниме есапите!“

Поврзани содржини