ИВАН Е БУГАРИН ОД ЛОВЕЧ НА ПЕЧАЛБА ВО БРИСТОЛ Откриено кој е туристот што „се потпиша“ на римскиот Колосеум
Казните за оштетување историски споменици во Италија вклучуваат парични казни од 15.000 евра и најмногу до пет години затвор.
Несовесниот турист кој го врежа своето име и името на својата девојка на ѕидовите на 2.000 години стариот Колосеум во Рим е Иван Димитров. Тој се претставува и како Иван Хокинс, а е Бугарин кој живее во Велика Британија и работи како фитнес инструктор.
Иван беше фатен на дело од туристот Рајан Лук, видео снимката го покажува моментот кога тој со клучеви ги издлаби зборовите „Иван и Хејли 23“ и досега ја погледнале десетици милиони луѓе ширум светот. Овој потег ја налути и италијанската и светската јавност, а младиот човек го чека сериозна казна.
Иван претходниот викенд го посети Рим со својата долгогодишна девојка Хејли Брејси (33), за која британските медиуми пишуваат дека води сопствен бизнис за спортска исхрана. Двојката живее заедно во бристолското предградие Кејншам, недалеку од теретаната во која работи Иван.
Димитров по потекло е од бугарскиот град Ловеч, но веќе подолго време работи како фитнес тренер во Бристол, а работи и како доставувач.
Италијанските карабинери ги идентификувале сторителите преку традиционална истрага и фотографска споредба.
„Тие открија дека се работи за двојка, маж и жена, кои живеат во Англија. Треба да се напомене дека постапката е во фаза на прелиминарна истрага, па осомничениот мора да се смета за невин до изречена правосилна пресуда“, стои во официјалното соопштение од италијанската полиција.
Во меѓувреме, италијанскиот министер за култура Џенаро Сандуљано им се заблагодари на органите на прогонот за брзата реакција.
– Им благодарам што веднаш го идентификуваа наводниот сторител на овој нецивилизиран и апсурден чин. Тоа е чин што ги навреди сите оние ширум светот кои ја ценат вредноста на археологијата, спомениците и историјата. Сега се надевам дека правдата ќе го следи својот тек и дека законот ригорозно ќе се применува, посочи Сандуљано.
За потсетување, туристот Рајан Лук, по професија географ, го снимил овој момент, а потоа го споделил на Редит со опис „Посран турист го врежува своето име и името на својата девојка на ѕидот на Колосеумот“.
Клипот е прегледан повеќе од 250 илјади пати само на Јутјуб, не сметајќи ги други бројни платформи каде прегледите се многукратно поголеми.
Казните за оштетување историски споменици во Италија вклучуваат парични казни од 15.000 евра и најмногу до пет години затвор. Ова е четврти пат годинава Колосеумот да биде оштетен од туристи.