ИТНО ДА СЕ ТРГНАТ КОНТЕЈНЕРИТЕ ОД УЧИЛИШТАТА, ГРАДИНКИТЕ И ОД БОЛНИЦИТЕ Здравствени мерки и препораки за заштита од ѓубрето

Општините да направат вонредно итно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со контејнерите и со расфрлан отпад, рече директорката на Институтот за јавно здрвје, д-р Марија Андоновска.

259

Да се одржува лична хигиена при фрлање на ѓубрето во Скопје – да се користат ракавици и маска, а рацете потоа да се измијат и да се дезинфицираат, препорача Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој денеска издаде низа мерки и препораки поради сериозната состојба со хигиената во главниот град.

Владата побара од Институтот да достави експертско мислење за тоа какво влијание може да има отпадот врз јавното здравје, како и епидемиолошки мерки врз база на доставени записници од инспекторат во кои е констатирана фактичката состојба.






– Стручни лица од ИЈЗ го разгледаа доставениот материјал и го испратија извештајот до институциите – рече денеска директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска.

Една од препораките, нагласи таа, е општините да направат вонредно итно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со контејнерите и со расфрлан отпад.

Епидемиологот д-р Мирјана Димовска апелираше до соодветните институции да спречат поставување контејнери во близина на здравствените институции, образовните институции, градинките и игралиштата. Треба да се постават средства за дезинфекција во сите училишта, додаде таа.

Институтот за јавно здравје ги објави препораки и мерки до населението:

ПРЕПОРАКИ

– Да се одржува лична хигиена (користење на ракавици, маска, миење раце, користење дезинфиција за раце после фрлање на отпад).

– Совесно одлагање на отпадот во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин, а не во контејнерите и сл.

– Внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот.

– Затварање на капаците на кантите при фрлање на отпадот.

– Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот.

– Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот.

– Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот.

– Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот.

– Да не се фрла отпад на нелегални депонии.

– Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита).

МЕРКИ

Непосредни, брзи и акутни

– Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;

– Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;

– Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;

– Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;

– Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градинки или здравствени институции;

– Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);

– Задолжително затворање на капаците на контејнерите;

– Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);

– Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;

– Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);

– Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;

– Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).

Долгорочни мерки

– Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);

– Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;

– Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);

– Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).

– Контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).

Поврзани содржини